180
23 shares, 180 points

Кога го претстави Qashqai пред десет години, Nissan воспостави сосем нов сегмент на пазарот. Урбаниот кросовер остана неприкосновен лидер, иако конкуренцијата реагираше на успехот на Qashqai и се обиде да го преземе концептот. Јапонската марка вложи многу, но беше голем и ризикот моделот да наиде на неприфатеност на пазарот.

Кога Nissan стапи во алијанса со францускиот Renault во 1999 година, новиот шеф Карлос Гон мораше целосно да ја смени моделската понуда на јапонската марка. Almera се продаваше слабо, наследникот мораше да биде нешто посебно. Во 2002 година, тим од 25 инженери на Nissan го започна развојот на новата генерација на Almera, со концепт сличен на Seat Altea и Volkswagen Golf Plus.

При развојот се покажа дека новиот модел ќе биде недоволно профитабилен и ќе отстапува од имиџот на препознатливите модели на Nissan, како 370Z или X-Trail. Тимот реши да го смени концептот во смалена верзија на Murano, како нешто неочекувано и невидено во компакт класата. Истражувањето на Nissan утврди дека постојат голем број потенцијални купувачи што сметаат дека спортските теренци се преголеми за градското секојдневие, имаат повисока потрошувачка и слаб квалитет на изработка на внатрешноста.

Qashqai понуди спој на компактна комбилимузина и спортски теренец

Новиот модел требаше да ги надмине овие слабости и да понуди спој на традиционални вредности на компактна комбилимузина, со елементи од спортски теренец што се најпривлечни за купувачите. Така се роди идејата за „кросоверот“, којшто требаше да ги охрабри конзервативните купувачи на комбилимузини и лимузини во компакт сегментот да се решат за нов вид на возило, којшто ќе им понуди нешто повеќе.

Nissan Qashqai Concept 2004

Во 2004 година беше претставен концептниот автомобил Qashqai, како најава за идниот нов модел на местото на Almera. За серискиот модел беше планирано да се преземе каросерискиот дизајн создаден во центарот во Јапонија, додека внатрешноста требаше да биде изработена според проектот на американските дизајнери. Спојот на овие два различни стилови потоа требаше да им се препушти на европските дизајнери, затоа што Qashqai беше планирано првично да се продава само на пазарот во Европа.

Медиумите однапред го прогласија кросоверот на Nissan за пазарна утка

Во меѓувреме инженерите ја тестираа техниката на идниот модел во маскиран Renault Scenic. Името Qashqai потекнува од племе во Иран и асоцира на карактерот на возилото на „урбан номад“. Кога концептниот автомобил се појави на сцената, медиумите реагираа резервирано, сметајќи дека на пазарот нема да постои интерес за необичниот спој на спортски теренец и компактна комбилимузина.

Nissan Qashqai 2006

Но, во Nissan останаа цврсто убедени дека кросоверот е вистинскиот производ. Во завршната фаза од развојот на техниката и дизајнот беше решено Qashqai да ги замени и Almera и поголемата Primera. Производството требаше да се одвива во фабриката на Nissan во Сандерленд, Велика Британија. Во февруари 2006 медиумите за првпат имаа можност да го запознаат новиот модел, на тестирање во зимски услови во Финска. Критиките се однесуваа главно на отсуството на погон на сите тркала. Nissan сепак направи обемно истражување, во коешто се покажа дека само мал дел од сопствениците на спортски теренци возат надвор од асфалтот и ретко ги искористуваат предностите на погонот на сите тркала.

Над 100.000 примероци уште во првата година по стартот на продажбата

Светската премиера на урбаниот кросовер се случи на салонот во Париз во 2006 година. Продажбата стартуваше во февруари следната година. До крајот на годината на европскиот пазар беа пласирани над 100.000 примероци, од кои околу една петина завршија на британскиот пазар. Веднаш почнаа да пристигаат и признанијата, вкупно 14 само во првата година.

Nissan Qashqai 2010

Една година по стартот следуваше и продолжената верзија Qashqai+2, со каросерија подолга за 21 сантиметар и седум седишта. Повторно се покажа дека Nissan е во право, затоа што само од оваа верзија досега се продадоа над 235.000 примероци. До 2010 година, по европските патишта возеа 1,2 милион примероци од Qashqai. Следеше моделско освежување, со неколку измени во дизајнот и техниката, вклучувајќи нов изглед на предниот дел и иновативна камера со приказ во 360 степени, како помош при паркирање.

Изненадувањето: Qashqai беше предвиден и во варијанта со седум седишта

Сегментот на кросовери растеше, Nissan го подготвуваше наследникот. Во ноември 2013 година беше претставена втората генерација на Qashqai, за пет сантиметри подолга, но во исто време и пониска и поширока, со поквалитетно изработен ентериер.

Продажбата моментно е зголемена за четири петини во споредба со 2007 година, а секој десетти автомобил од овој сегмент на европскиот пазар е Nissan Qashqai. Не требаше долго време додека конкуренцијата реагира со свој модел. Денес во сегментот се води беспоштедна битка меѓу 21 модел, директни конкуренти на Qashqai.

Nissan Qashqai 2013

Јапонската марка во меѓувреме повторно се избори за предност, откако го лансираше Juke, како помал брат на урбаниот кросовер. Во Европа досега се продадоа 775.000 примероци од Juke, односно 1,2 милион примероци низ светот.

До крајот на минатата година, на европскиот пазар се пласирани вкупно 2,3 милиони примероци од Qashqai. Моделот денес се продава на 99 пазари низ светот, од Антигва до Австралија, од Алжир до Ангола, со глобална продажба од преку 3,3 милиони возила од 2007 година наваму.

[FAG id=27165]


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

180
23 shares, 180 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *