175
22 shares, 175 points

Автомобилите ни станаа меч со две острици. Од едната страна, народот доби евтини користени возила од увоз, од друга страна, секојдневно се задушуваме од нив. Некаде има утка. Можеби, отсуство на свест за животната средина?

Да немаше постојано по некоја „кримска криза“ во светот и да не паѓаа авиони одвреме навреме, светот веројатно ќе се занимаваше со нашата еколошка несвест. Прво ќе нé исмеваше, а потоа ќе нé сожалуваше. Во мината седмица, француската престолнина го вклучи алармот за загаденоста на воздухот. Се дозволи во градот да циркулираат само половина од возилата, еден ден со парни, друг ден со непарни регистерски таблици. Се организираше и бесплатен јавен превоз.

Париз имаше ниво на загаденост од 80 mg честички РМ10 на метар кубен. Скопје го има тоа ниво во почистите денови, под среќни околности и под благослов за ветер и дожд. Македонската држава ќе реагира само кога концентрацијата на отровен отпад во воздухот ќе се закани да ги урне градбите од 2014 – со средношколска тепачка во автобус, примерно.

Народот не сака ниту да зборува за загадувањето

Дискусијата отсуствува целосно. Народот ни што толку многу обожува да апсолвира и резонира, не сака ниту да зборува за загадувањето на воздухот. Жално е што тоа не го сакаат ниту тие што живеат од здрава еколошка свест. Продавачите на автомобили, на пример.

Доволно е да се погледнат неколку од оние проретчени билборди со автомобили, што којзнае до кога ќе останат да бледеат по улиците. На нив стои бомбастична цена, најавена во стилот со којшто се продаваат гаќи на пазар: „Не пропуштајте ја шансата денес да се снабдите со нов автомобил за само 9.999 евра … ајде, пет за три … дали во последно време сте забележале дека Вашиот автомобил е стар, зошто да не си купите нов … ние ви ги нудиме најевтино … 20 проценти попуст на избрани модели кај нас, само денес и во следните кој знае колку денови додека трае залихата …“ Екологијата не се спомнува никаде.

Македонија е земја на автомобилски зомбија

Секогаш се зборува само за цени, за тоа кој ќе ги понуди автомобилите поевтино. Со кого тоа се борат нашите автомобилски дилери, кога битката во светот е веќе одамна добиена? Победник е животната средина, а автомобилите се тие што треба да се подредат на нејзините правила. Пазарот на автомобили во Македонија беше убиен ладнокрвно уште пред пет години, кога малечките и евтини нови автомобили се предадоа пред големите, мрсни и зачурени лимузини од бугарските плацеви за искористени автомобили. Тоа што тука и таму ќе се продадат некои стотина илјади користени и искористени возила не смее да буди лажен впечаток дека пазарот и натаму живее. Тоа се автомобилски зомбија.

Во панична реакција да се одбранат од евтиниот увоз на користени мерцедеси, бемвејци и аудиња, дилерите на нови автомобили веднаш реагираа со огромни попусти. Ако некогаш компактите чинеа најмалку по 15.000 евра, денес не можат да качат ниту една илјадарка над звучната бројка 10.000. Но, со ова спуштање на цените, тие се впуштија во битка што никогаш не можат да ја добијат. Нов автомобил никогаш не може да биде поевтин од користен. Битката е предадена без борба, гардот се спушти како што се спуштија салонските цени. Дилерите го одбраа погрешното оружје.

Дали тоа им донесе некаква корист на автосалоните? Во јануари се продадоа само 207 автомобили, не вклучувајќи ги четириесетината лесни доставни возила. Тоа се по седум возила на ден. Може секој ден да се објавува на вести кои се тие среќни возачи, да се најавуваат нивни интервјуа на насловните во дневниот печат, на улица да бидат поздравувани како ѕвезди.

И рекламите се увезуваат заедно со автомобилите

Не може да функционира, затоа што нашиве автомобилски дилери се однесуваат небаре се наоѓаат на германскиот или некој друг здрав пазар што лоша влада не го бие. На билбордите гледаме реклами што се увезени заедно со автомобилите и што немаат апсолутно никаква спојна точка со актуелната ситуација во нашава општо посакувана држава. Кој пак и да смисли нешто поконкретно, кога половина од креативниот тим во маркетиншките куќи и одделенија го фаќате секој ден како пуши на балкон или пред врата?

Замислете билборд на кого што пишува: „Нашите автомобили се најчисти! Не дозволувајте соседот да Ве проколнува секое утро додека му го зачадувате дворот со Вашиот нов мерцедес од сарајска полјана, затоа што клетвата кога тогаш ќе Ве стаса!“ Исто како што работата на автомобилските медиуми во државава се сведе на голо препишување на светски вести од едночлени редакции предводени и сочинети од заглавен и неодговорен препишувач, така и автомобиските реклами ни останаа препишани како од времето кога продажбата на возила во Македонија се одвиваше според нормални и логични законитости.

Никаде не се зборува за еколошката погодност на новите генерации коли

Како ги идентификуваме новите автомобили од салон? Како поскапи автомобили од оние што не се во салон! Новите автомобили се поскапи од користените, и точка! Никој не ги идентификува како чисти и безбедни. Никој не помислува дека ќе ја одбегневме катастрофата со воздухот, доколку имавме научено автомобилите да ги разликуваме на еколошки и нееколошки. Сите ние сме еколошки дудуци што ќе се отрујат од сопствениот дудулак. Не знаеме да ги разликуваме автомобилите што ни го валкаат воздухот, од оние што не ни го валкаат.

Погледнете македонска интернет страница на автомобилска марка – тоа е единственото што им преживеа во јавниот настап. На евтиниот простор се стекнува првиот впечаток за одредена марка, па дури потоа се донесува решение да се посети салонот. Впечатокот на генерално ниво: Распродажба! Евтинија! Во услови кога веќе со години наназад сме загадени до катаклизмични граници, автомобилџиите мислат дека ќе ни продадат евтино, ако веќе не можат поинаку. Не може новите автомобили да бидат евтини, доволно е што се чисти! Дополнителната цена е за технологијата што придонесува за еко погодноста.

На автомобилските марки им преостанува градењето на еколошката свест

Место побуна против загадувањето и опасноста од старите автомобили, на интернет страниците владее тишина. Дури и најбомбастичните цени не ја нарушуваат тишината. Речиси е неверојатно тоа што екологијата и натаму останува запоставена. Никој друг немаше поголем интерес и поголема обврска да влијае врз свеста за животната средина, како автомобилските марки во Македонија. Медиумите, особено автомобилските, со исклучок на првиот македонски авто магазин на Томислав Биљарац, отсекогаш биле премногу неми и недоволно моќни, за и тие да можат да учествуваат во некакво еколошко будење.

Не треба уште да чекаме да дојде некој и да не спаси, туку самите треба да се спасуваме. Тоа не значи забегување по светот, туку само поодговорно држење чекор со нормалниот свет. Од брендовите во Македонија требаше да произлезе поубедлива иницијатива во градењето на еколошката свест и совест. Како инаку би можело на луѓето да им се објасни дека некој автомобил е еколошки и не предизвикува труење како скопскиот воздух.

Каков еколошки муабет можеме да слушнеме од марките во Македонија?

Како за марка што постигнува напредок преку техниката, а напредокот е во екологијата, на интернет страницата на македонскиот Audi никаде не фигурира екологијата. Марка чијшто речник опфаќа поими како g-tron или e-tron, кај нас уште комуницира со погон quattro, со философија на дизајн. Одвај некако може да се дојде до A6 Hybrid, автомобил со хибриден погон, којшто инаку е ослободен од плаќање акциза. За овој модел, Audi напоменува дека уште не се наоѓа во продажба!? Не само тој, туку и Q5 Hybrid и A8 Hybrid се дел од редовната понуда на премиум марката. Некој знаеше дека хибридите во Македонија веќе десет години се ослободени од плаќање акциза и дека Lexus LS на тој начин поевтинува за десетина илјади евра?

Хибридот е тајна и за Citroen. Французите имаат фантастичен дизелски хибрид во DS5, но тоа се осознава дури по половина час на нивната страница. Зошто хибридот чини 55.000 евра и се нуди само во врвното ниво на опрема, тоа е тајна. Дали јавноста треба и натаму да живее во убедување дека хибридите се скапи, во услови кога Toyota Yaris со хибриден погон не чини ниту 18.000 евра?

Никаде на македонските страници не може да се дознае дека Fiat е маска со најниска емисија на СО2 во Европа, дека Hyundai го има во редовна продажба првиот големосериски автомобил со погон на водород, дека постои Kia Soul со електричен погон, дека Opel Insignia 2.0 CDTI е единствен модел во средната класа со емисија на СО2 пониска од 100 грами или дека Renault е марката што продава најмногу возила со погон на струја во Европа.

Доколку се изгради поприфатливо ниво на еколошка свест, многу полесно ќе биде за народот да ги сфати и прифати мерите за спречување на загаденоста на воздухот. Мора да се зборува за животната средина, насекаде и секогаш. Оние морбидно забавни емисии на ТВ со лекарски одговори на јавувања од гледачи можеа да бидат помалубројни доколку пред нив почнеше да се зборува за животната средина. Од институции и агенции не треба да се очекува иницијатива. Тие имаат други цели.

Мора да се воспостави разлика и меѓу еколошките и нееколошките автомобили. Никој нема да успее да изгради свест врз толку солидна основа, како автомобилските дилери, особено во услови кога старите автомобили со големи и силни мотори се обвинуваат за состојбата со загаденоста на воздухот во државата. Човек не може секогаш да биде свесен за штетноста на неговото делување, доколку не му укажете на тоа, доколку не предизвикате да го зајаде совеста – еколошката совест.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

175
22 shares, 175 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

2 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

  1. Да додадам ,заборавивте за изгубените животи поради не исправни бозила бидејќи се нема пари за одржавање некогаш скапите возила и тоа дека многу брзо(САД расте продајата на хибридни возила за 245% годишно) ќе останеме зачудени кога ќе сватиме дека светот вози електрични и други хибридни возила а ние ќе морама да плаќаме пенали поради загадување.

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3743