за

И седиштата се опаметија

Во иднина седиштата ќе комуницираат со паметните телефони и однапред ќе се местат според желбите на возачот. Се подобруваат и комфорот и ергономијата.

Тркалата и моторот се тоа што мора да го има секој автомобил – седишта исто така. Возачот и патниците сепак мора да се сместат некаде. При купувањето автомобил, интересот околу седиштата се сведува само на бојата и на изборот на материјалот. Но, најважното се прескокнува. Никој не се прашува колку е ергономско седиштето и какво ќе биде чувството по возење на подолг пат. Во иднина, купувачите во салон ќе прашуваат колку седиштето во одреден автомобил е компатибилно со одредена марка и модел на паметен телефон.

Вистинска загатка е зошто никој не внимава на седиштето при изборот на возилото. Последиците од лошото седиште во возилото се исти како при седење во канцеларија: Болки во вратот и во грбот, напнатост, главоболка, вкочанети рамења. Седиштата во нашите автомобили се извор на голем дел од овие потешкотии. Можно е формата на потпирачот за грб да не ја следи природната закривеност на рбетниот столб, во други случаи лопатките не добиваат правилна потпора, седечката површина е прекуса или отсуствува висинско местење.

Сите овие недостатоци предизвикуваат проблеми кои резултираат со вкочанетост на телото. И покрај тоа, вградувањето на ергономски седишта не ужива највисок приоритет при развојот на возилата

Германската асоцијација на ортопеди навреме го согледа проблемот и редовно ги проверува седиштата во новите модели, односно ги препорачува најдобрите. Според асоцијацијата AGR, најдобрите седишта се во Opel, Mercedes и Volkswagen. Голем број марки и модели остануваат без препорака. Конструкторите на седишта застапуваат различни ставови. Но, факт е дека во минатите две децении, ергономијата на седиштата напредуваше рапидно. Од друга страна, седиште со одлична ергономија може да не им одговара на сите. Голем број седишта имаат проблем со кусиот дијапазон на дотерување и поради тоа лица кои премногу отстапуваат од просечното тело не се чувствуваат пријатно во седиштето.

Кај некои производители, во седиштата се гледа само непотребен баласт и се настојува колку е можно повеќе да се намали нивната тежина. Речиси не постои друго подрачје во автомобилот каде што може во толкава мера да се заштеди на тежина. Едно седиште обично тежи меѓу 20 и 25 килограми, тоа е енормен потенцијал за олеснување на возилото.

recaro front (Small)
Ретко кој внимава на седиштата при изборот на автомобил, а тие се извор на повеќето потешкотии при долго патување

Иднината ветува многу. Ергономијата и местењето на седиштата ќе достигнат повисоки нивоа. За тоа ќе послужи еден уред кој што постојано се спомнува кога станува збор за технолошкиот напредок: Паметниот телефон. Производителот Recaro развива нова генерација седишта Smart Seating, кои што во комуникација со телефонот на сопственикот ќе се местат во саканата положба. Потребно е само во телефонот да се вчита апликацијата, а потоа седиштето самостојно препознава кога се приближува возачот и уште пред возачот да ја отвори вратата се мести соодветно на поставувањата. Друга можност кај паметните седишта се постигнува со вградување на сензори. Со нивна помош, интелигентната електроника на седиштето го осознава телото на патникот и автоматски се мести според параметрите.

Покрај неправилната форма и недоволниот дијапазон на местење, друг проблем кај седиштата е самото седење, односно фактот што возачот минува часови во седиштето без да се помести. Конструкторите размислуваат за седишта кои во одредени периоди самостојно ја менуваат позицијата и го тераат возачот постојано да се подместува. Тоа, пак, повлекува друг проблем. Возачот не смее да се исплаши ако во текот на возењето потпирачот за грб почне да се поднавалува наназад.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Студија на СЗО: Колку пари – толку безбедност

Мојот двор е мојот терен