за ,

Италија е европски број 1 во еколошки автомобили

Неприкосновено на првото место на европскиот пазар според бројот на продадени автомобили е Германија. Но, ако се бројат само автомобилите со алтернативен погон, некои други европски земји ја предводат трката.

Автомобилите со алтернативен погон се продаваат најдобро во Италија. Во првите шест месеци од годинава, таму се продала 121.124 патнички автомобили со погон на струја, со хибриден погон или на гас. Најголем удел имаат 107.000 возила со погон на гас, меѓу кои се најбројни автомобилите со погон на автогас. Италијанската држава веќе години наназад обезбедува силна финансиска поддршка за фабричките модели со погон на автогас, за уредите за напојување со гас, па дури и самото гориво е ослободено од акциза. Според слободни процени, секој еден од десет автомобили по италијанските патишта во моментов согорува течен нафтен гас како погонско гориво.

Субвенциите на француската држава го поттикнаа развојот кај домашните производители

На второто место на најеколошки пазари во Европа е Франција со 48.256 возила со алтернативен погон во првата половина од 2015 година. Таму е силен настапот на возилата со хибриден погон (27.402 возила), односно со хибриден погон со надворешно полнење (10.724). Француската држава исто така има важна улога во популаризацијата на алтернативниот погон, со високи субвенции при набавката на возилата, но и бројни повластици во секојдневието. Високите субвенции меѓу другото ги поттикнаа домашните производители да се ангажираат повеќе во понудата на соодветни модели со алтернативен погон. Renault, на пример, во моментов има дури три модели со погон на струја: Kangoo Z.E., Twizy и Zoe.

На третото место е Велика Британија со 37.903 нови регистрирани автомобили со алтернативен погон. Во поглед на погонот на струја, Британците се водечка сила во ЕУ, со огромен пораст од 262 проценти во споредба со ланското прво полугодие и 14.838 автомобили со погон на струја. На територијата на Европа, само во Норвешка се продале повеќе е-автомобили, односно 16.990 во првото полугодие од 2015 година. Огромниот интерес за алтернативниот погон е поттикнат и од силната поддршка од страна на државата. Покрај тоа, факт што не смее да се занемари е дека Nissan Leaf, најпродаваниот електричен автомобил во историјата, се произведува во фабриката на Nissan на домашна територија.

Германските производители долго време го запоставуваа хибридниот погон

Најголемиот единечен пазар за автомобили на територијата на Европа, германскиот, се наоѓа на четвртото место со 26.687 електрични, хибридни и автомобили со погон на гас. Најголемиот дел отпаѓа на возила со обичен хибриден погон, со 11.023 нови регистрации во првото полугодие, иако најголемите домашни производители долго време ја запоставуваа оваа техника. Значителен пораст е забележан кај електричните автомобили и кај хибридните возила со можност за полнење на батериите со приклучување во струја. Нивниот број се зголеми за 66 проценти, на 9.653 возила.

Во првата половина од годинава во ЕУ се регистрирани вкушпно 298.463 патнички возила со алтернативен погон, што претставува зголемување од 24,6 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Aprilia Tuono V4 1100 RR: Со истото срце, но со нова душа

Премиера на Ford Focus RS Forza Design најголемиот саем за компјутерски игри