169
132 shares, 169 points

Додека на глобалниот пазар се воведува моделска изведба на Volkswagen Golf со хибриден погон, на нашиот пазар уште се занимаваме со еколошките норми стари дваесетина години. Со Др. Златко Муцунски разговараме околу овој огромен временски расчекор, околу плановите за комерцијализација на хибридните модели на концернот Volkswagen на македонскиот пазар, како и за причините зошто акцизното ослободување на овој напреден погон што прерасна од алтернатива во „главна струја“ и натаму останува без соодветен одговор од пазарот. Чекорот со увозот на стари автомобили го уназадуваше македонскиот пазар на автомобили и го онеспособи да ги прифати нормалните трендови во развојот на автомобилите и да го следи истиот развој со актуелизирани законски нормативи.

Automedia: Volkswagen наскоро стартува со редовна продажба на моделската изведба на Golf со хибриден погон. Каков знак претставува тоа за браншата на глобално ниво?
Др. Златко Муцунски: Стартот на редовната продажба на Golf со хибриден погон најавува сериозно разигрување и најавување на резултатот на пазарниот натпревар во дисциплината „Најдобар автомобил со алтернативен погон“.

Може ли да се очекува хибридниот Golf GTE конечно да укаже на тоа дека законските рамки за увоз и експлоатација на автомобили во Македонија заостануваат далеку зад актуелните глобални регулативи, како и зад развојот на новите технологии во автомобилската бранша којшто се раководи според тие регулативи?
Не е невозможно, иако е малку веројатно, со оглед на агонијата во која е западнат македонскиот автомобилски пазар. Дискусијата на темата „Соодветност на постоечката законска регулатива за увоз и експлоатација на автомобили во Македонија“ никогаш не е излишна, но, во сегашните услови се чини за преоптимистичка.

„Oсвен ослободувањето од акциза при увозот, за хибридните автомобили нема дополнителни даночни поволности при експлоатацијата“

Со години останува премолчена информацијата дека Македонија фактички ја субвенционира продажбата на возила со хибриден погон, со нивното ослободување од акциза. Постои ли реално оправдување или можеби треба некаде да се бара виновникот за тоа?
Мојот пристап кон работата исклучува наоѓање оправдувања, така што и во овој случај не размислувам во таа насока. Ќе се повикам на неколку факти со цел да одговорам на прашањето:
Факт е дека автомобилите со хибриден погон имаат повластен третман при увозот.
Факт е и дека моменталната цена на нивната технологија ги прави значително поскапи од нивните „конвенционално“ задвижувани изведби. Ослободувањето од плаќање на акциза при увозот на автомобилите со хибриден погон не е доволно за да ги направи ценовно атрактивни и возачите значително да се пренасочат кон нив.
Факт е дека технологиите на автомобилите со конвенционален погон и понатаму се развиваат, нудејќи сериозни подобрувања на полето на потрошувачката, емисијата на штетни гасови и перформансите. Ова ја оддолжува борбата на концептите и првично најавуваната неминовна капитулација на конвенционалните автомобили пред хибридите. Мисијата на Volkswagen е на пазарот да ги нуди најдобрите концепти и решенија на автомобили за секого, покрај другото, и со помош на нашите веќе легендарни технологии TDI, TSI, Bluemotion, DSG… И тоа пазарот од секогаш ни го признавал.
Факт е дека, освен ослободувањето од акциза при увозот, со неколку мали ислкучоци, за хибридните автомобили нема дополнителни даночни поволности при експлоатацијата. Од чисто финансиска гледна точка, хибридните автомобили сеуште не се најдобриот избор на нашиот пазар. Малкуте примероци на ваквите возила на нашите патишта се доказ дека следбеници на постепено растечкиот западен автомобилски тренд има и кај нас, но и дека во затегнати економски услови, можностите за следење на трендовите се многу ограничени.

Сината боја е заштитна боја на GTE, како симболика за струјата во погонот
Сината боја е заштитна боја на GTE, како симболика за струјата во погонот

Имајќи ги во предвид актуелните состојби на нашиот пазар на автомобили, дали Порше Македонија гледа простор за комерцијализација на моделите со хибриден погон од своите автомобилски марки?
Логичниот одговор во моментот би бил „не“. Но, со оглед дека Порше Македонија за неколку години го постигна невозможното – целосно да го освои македонскиот автомобилски пазар – се наметнува потреба од поинакво размислување. Колку што пазарот влијае на нашата работа, толку и ние се обидуваме и успеваме да влијаеме на однесувањето на пазарот. Во моментот фокусот ни е насочен кон задржување на нашата лидерска позиција. Но, истовремено работиме и на иднината. Потполното задоволство на нашите клиенти сега е значително пондерирано и од цената која тие ја плаќаат за бенефитите што ги добиваат од нас. Со постоечките разлики во цените меѓу конвенционалните и хибридните автомобили, успешната комерцијализација на вторите е исклучително отежната и неизвесна. Но, автомобилите со хибриден погон се реалност која не може и не смее да се игнорира. Порано или подоцна, нашиот пазар ќе ги прифати.

„Со забрзаниот развој на технологијата на фотоволтаични панели и големиот број на сончеви денови, Македонија е добро позиционирана за планирање на автомобилската иднина во насока на електричен погон со потенцијал за зголемување на енергетската независност.“

Хибридниот погон во светот веќе прераснува во реалност, погонот на струја зема сé поголем замав, новата алтернатива е погонот на водород – каде ја гледате автомобилска Македонија по пет или десет години?
Чекор по чекор. За да дискутираме за иднината на алтернативниот погон, претходно треба да расчистиме со конвенционалниот. Потенцирам, „да расчистиме“. Периодот од 5 до 10 години е токму доволен за да се освестиме, да престанеме да купуваме генератори на чадни завеси, забрзано да ги исфрлиме од употреба и самите да ги почувствувме позитивните ефекти од употребата на еколошки сензитивните автомобили. Макар тие биле и со конвенционален погон. Реално, за 5 до 10 години автомобилска Македонија би била технички исправна, подмладена, почиста, побезбедна, поштедлива, побројна, но сеуште задвижувана со помош на фосилни горива. Во врска со алтернативните горива, од производствена гледна точка, поблизок на македонските услови е електричниот погон. Со забрзаниот развој на технологијата на фотоволтаични панели и големиот број на сончеви денови, Македонија е добро позиционирана за планирање на автомобилската иднина во насока на електричен погон со потенцијал за зголемување на енергетската независност. Од друга страна, и погонот на водород е интересен. Од логистичка и употребна гледна точка и со исклучок на еколошката прифатливост, водородот е сличен на сегашните автомобилски горива. Пренасочувањето кон погон на водород ќе направи најмал шок кај возачите, но инфраструктурно, прилагодувањето е вистински пекол. А во пекол не се живее.


Like it? Share with your friends!

169
132 shares, 169 points
djakonov

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Choose A Format
Personality quiz
Series of questions that intends to reveal something about the personality
Trivia quiz
Series of questions with right and wrong answers that intends to check knowledge
Poll
Voting to make decisions or determine opinions
Story
Formatted Text with Embeds and Visuals
List
The Classic Internet Listicles
Countdown
The Classic Internet Countdowns
Open List
Submit your own item and vote up for the best submission
Ranked List
Upvote or downvote to decide the best list item
Meme
Upload your own images to make custom memes
Video
Youtube, Vimeo or Vine Embeds
Audio
Soundcloud or Mixcloud Embeds
Image
Photo or GIF
Gif
GIF format

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3730