125
17 shares, 125 points

Електричните и хибридните автомобили ќе сочинуваат една четвртина од продажбата на нови автомобили на Mitsubishi до крајот на деценијава. Амбициите имаат солидна подлога. Outlander PHEV моментно е најпродаван хибрид во Европа.

Обидете се да погодите кој е најпродаван автомобил со хибриден погон со надворешно полнење на европскиот пазар. Не е Toyota, ниту Mercedes, а уште помалку е модел од концернот Volkswagen. Во моментов, местото на најпродаван модел со „алтернативен“ погон на пазарот во Европа го држи спортскиот теренец Mitsubishi Outlander PHEV. Прашање е дали овие возила уште смее да се водат како возила со „алтернативен“ погон. Само во првите два месеца од годинава се продадоа 3.000 примероци од плагин-хибридниот модел на Јапонците. Најголеми пазари за Outlander PHEV се Велика Британија и Холандија. Во период од десет месеци од почетокот на продажбата на моделот на британскиот пазар, продадени се преку 10.000 примероци, за што во голема мера придонесуваат и државните субвенции за еколошки коректните возила. Со оваа бројка, во островската земја во моментов има повеќе примероци од Outlander PHEV отколку од конкурентските модели со чисто електричен погон, како на пример Nissan Leaf, кој е присутен уште од 2011 година.

Секој четврти продаден автомобил на Mitsubishi во 2020 година ќе биде хибрид или електро

Mitsubishi ќе продолжи да вози на зелениот бран. Од централата на концернот во Јапонија се најавува дека планот за следните пет години е 20 до 25 проценти од продажбата на нови возила да отпаѓа на плагин-хибриди и електрични автомобили. При планирана годишна продукција од 1,5 милион возила до 2020 година, тоа значи дека вкупно 300.000 до 400.000 возила со „алтернативен“ погон ќе излегуваат од фабриките на Mitsubishi. Освен со погонот, овие модели ќе се одликуваат и со впечатлив изглед, како што јапонскиот производител најави со Concept XR-PHEV II од салонот во Женева во март. Овој автомобил го прикажува изгледот на следната генерација на компактниот кросовер ASX, којшто постигнува одлична продажба во Европа, исто како и штедливото мини Space Star.

Mitsubishi Concept XR-PHEV II
Mitsubishi Concept XR-PHEV II го најавува изгледот на идната генерација на кросоверот ASX

Новиот ASX ќе порасне на 4,40 метри и ќе се појави во продажните салони во 2016 година, вклучувајќи и верзија со плагин-хибриден погон во понудата. Емисијата на СО2 на хибридниот модел би изнесувала под 40 g/km. Производството на ASX и натаму ќе се одвива на јапонска почва. Престанува соработката со Citroen и Peugeot, кои нудат верзија на ASX под сопствените марки, означени како C-Aircross и 4008. Целта на Јапонците беше француските марки да му помогнат во постигнување поголема продукција и повисока рентабилност на производствените ленти, но очигледно е дека Французите повеќе му одмогнаа на Mitsubishi со нивните незначителни продажби.

Теренската легенда Pajero со ново поглавје во 2017 година

Во 2017 година се очекува Mitsubishi да ја претстави новата генерација на легендата меѓу теренските возила, Pajero, дванаесеткратен победник на релито Дакар. Купувачите сепак не би требало да очекуваат дека марката ќе им понуди разблажена верзија на Pajero за дефилирање по булеварите. Идниот Pajero ќе биде значително покомфорен, но во основата ќе остане работна машина со погон на сите тркала и пробивност по секаков терен. Дозволената тежина на приколка до 3,5 тони исто така нема да се напушта како традиција, бидејќи сопствениците се навикнати да влечат тешки товари со својот Pajero. Покрај моќен дизел ќе се нуди и плагин-хибрид, според принципот што во моментов го користи Outlander.

Идната генерација на Pajero ќе ја манифестира робусноста преку помодерен, место класичен дизајн
Идната генерација на Pajero ќе ја манифестира робусноста преку помодерен, место класичен дизајн

Кросоверот од средната класа неодамна доживеа темелно освежување, кое е на половина пат до нова генерација. Преработени се подвозјето и погонската спрега, потрошувачката е смалена. Outlander е прв модел што го прикажува новиот дизајнерски говор на марката. Верзијата PHEV има неколку посебни детали во изгледот по коишто се разликува од стандардниот модел. Можно е овој принцип да се применува и во гамата на останатите модели. Во септември ќе стартува и новиот пикап L200, произведуван во Тајланд. Верзијата со единечна кабина повеќе не се нуди, остануваат верзијата со двојна кабина и спортската верзија. Лимузината и комбилимузината од моделот Lancer уште остануваат во понуда, иако продажбата на европскиот пазар е релативно ниска во споредба со останатите модели на Mitsubishi.

Наспроти тоа, веќе е запечатена судбината на моќната лимузина со легендарен статус Lancer Evo. Моделот повеќе не се произведува. Наследникот може да се очекува најрано кон крајот на 2018 и почетокот на 2019 година. На идниот Evo повеќе нема да му биде лесно во заострената конкуренција во тој сегмент. Mitsubishi во меѓувреме пишува историја и во македонскиот автомобилизам. Макауто Стар пред еден месец прв стартуваше со продажба на електричен автомобил на македонскиот пазар, со Mitsubishi i-MiEV. Тестот на првиот електричен автомобил во Македонија можете да го прочитате тука.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

125
17 shares, 125 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *