за

Зошто купувањето користен Bugatti Veyron не е добра идеја?

Суперавтомобилите стареат исто како секој друг и по неколку години можат да се најдат за половина цена. Под претпоставка дека еден милион е „прифатлива“ цена, тоа уште не значи дека користен Veyron е разумен избор.

Кој ентузијаст не сонува да седне во сопствен Bugatti Veyron и да забрзува за 2,5 секунди до стотка или кога ќе му се посака да вози со преку 400 километри на час? Колку ли само би завидувале другарите кога ќе ја здогледаат вредноста 1.001 КС покрај бројот на коњски сили во сообраќајната дозвола. Значи, време е да се „размислува“ за купување користен Bugatti Veyron.

Сега „секој“ може да го паркира својот Bugatti пред омилениот локал
Сега „секој“ може да го паркира својот Bugatti пред омилениот локал

Кога ултраболидот се појави во 2005 година, неговата цена изнесуваше 1,3 милион евра. Ако некој поверувал дека тоа е реалната цена на Bugatti, тогаш нека размисли околу следниов податок. Во целиот период на производство на Veyron 16.4 до 2013 година, Bugatti забележа загуба од 1,7 милијарда евра, што значи дека просечно загубил по 4,7 милиони евра од секое произведено возило. Според тоа, Veyron би требало во продажба да чини најмалку 6 милиони евра! Нејсе.

Седумстотини илјади евра за возило вредно 1,3 милион евра на ново

Пристојно парче денес може да се најде веќе за 900.000 евра, а со добро преговарање веројатно може да се спушти уште за некоја стотка. Примерок од 2007 година, со поминати 812 километри, кај дилер во Германија, на пример, чини 780.000 евра – експортна цена. И сега, сите среќни?

Добро е барем тоа што за парите се купува малку возен автомобил
Добро е барем тоа што за парите се купува малку возен автомобил

Тоа што го прави Veyron различен од обичните автомобили се трошоците за одржување. Плус, начинот на одржување. Трошокот за замена на работните течности, „потстегнување и подмачкување“, замена на потрошните делови, на годишно ниво изнесува … преку 100.000 евра! За споредба, италијанските суперавтомобили со црното коњче годишно бараат најмногу по две или три илјади евра за одржување.

Ако сервисерот реши да се менува – ќе се менува

За редовното годишно сервисирање, Veyron треба да се испрати назад во фабриката на Bugatti во францускиот Молсхајм. Притоа, техничарите воопшто не ги интересира дали сопственикот сака или не сака да замени одреден дел или да дозволи одредена поправка. Bugatti сам решава што ќе поправи или замени на автомобилот, а сопственикот само молчешкум ќе си ја плати крајната сметка. Доколку Bugatti реши дека се потребни нови гуми, нема друго. Тоа се 7.000 евра по гума. Ако се земе во предвид дека по секоја трета замена на гуми мора да се заменат и бандажите, трошокот веќе ќе надмине 60.000 евра.

60.000 евра за продолжување на гаранцијата – секоја година

Само редовното сервисирање чини 20.000 евра, но ако е потребна дополнителна интервенција, сопственикот нека му мисли. Продолжувањето на гаранцијата чини дополнителни 60.000 евра годишно, што е подобро да се плаќаат редовно ако се има во предвид исклучителната сложеност на возилото. Дилерите на марката имаат подготвено посебни пакети за одржување, во коишто влегува редовното сервисирање, плус уште мала доплата од десетина илјади евра за случај нешто да се расипе на возилото.

Единствено олеснување е тоа што Bugatti Veyron е изработен толку совршено што не се расипува. Покрај 25.000 километри, колку што имаат поминато најизвозените промероци, што воопшто и би се расипало…

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новата измама на Opel: Karl е само скапа верзија на Chevrolet Spark

Електричен Nissan разнесува брза пошта низ Италија