152
20 shares, 152 points

Сета технологија со којашто Opel располага во моментов се вградува во новата генерација на Insignia Country Tourer. На тоа се надоврзуваат погон на сите тркала со иновативна контрола на тракцијата, за 20 милиметри поголемо растојание од подлогата и можност да се додаде уште поиндивидуална нота во изгледот.

Топ-моделот на Opel штотуку доживеа премиера на салонот во Женева во своите две изведби Grand Sport и Sports Tourer, а веќе пристига третата варијанта во гамата на Insignia, комбито со примеси на теренец Insignia Country Tourer. Марката од Риселсхајм го нудеше комбито со погон на сите тркала и елементи од теренец и во претходната генерација на Insignia. Нарачките стартуваат веќе во јуни, првото големо појавување пред публиката ќе се случи неколку месеци подоцна, на салонот во Франкфурт, а кусо потоа стартува и испораката. Според Opel, овој универзалец е наменет за љубителите на зимските спортови, на природата и општо за сите што ценат кога автомобилот има нешто посебно.

Opel Insignia Country Tourer 00002

Country Tourer ги презема просторната кабина и олеснетата платформа од лимузината и класичното комби. Opel го позиционира теренското комби како врв во гамата на Insignia, што значи и како врв на целата своја моделска гама. Стилот на Country Tourer го карактеризираат црните обраби по крилата и праговите, на што се надоврзуваат заштитни панели за подвозјето во сребрена боја. Со посебна доплата, овие елементи може да бидат финиширани во една од 15-те специјални бои по избор на купувачот.

Погонот на сите тркала се грижи и за дополнителна динамика по асфалт

Растојанието од подлогата е зголемено за 20 милиметри, што остава простор за докажување на новиот погон на сите тркала и на новата задна оска со пет водилки. Наспроти класичниот погон на сите тркала којшто користи отворен диференцијал на задната оска што вртежниот момент го распределува подеднакво меѓу двете задни тркала, кај Opel Insignia работат две ламеласти спојки со електричен погон. Со тоа се овозможува попрецизно и посуверено пренесување на моќта на секое тркало, независно од подлогата.

За намалување на подуправувањето, зависно од гасот и аголот на воланот, на задното тркало од надворешната страна на свијокот се пренесува повеќе вртежен момент отколку на внатрешното тркало. Со тоа значително се подобрува возливоста во остри свијоци.

Opel Insignia Country Tourer 00003

Помош доаѓа и од приспособливото подвозје, коешто влијае врз амортизерите, управувањето, чувствителноста на гасот и менувањето на степените (при автоматски менувач). Возачот дополнително може да избере еден од модусите – стандарден, спортски или комфорен. Притоа и контролниот софтвер континуирано ги анализира податоците од сензорите и помага подвозјето да го „научи“ стилот на возачот.

Country Tourer ги соединува сите технологии на Opel – дополнително и „лимузина“ и теренец

Теренската верзија на Insignia располага со уште неколку трикови. Задниот капак се отвора или затвора со замавнување со стопало под браникот, при што пиктограм проектиран врз подлогата покажува каде треба да се изведе „клоцнувањето“. Задната клупа се соборува на копче, за товарниот простор да порасне на максимумот од 1.665 литри – за 130 литри повеќе од претходникот.

За технолошкиот кик се грижат матричните диодни светла со 32 сегменти и досег до 400 метри, проекциски дисплеј, камера со приказ во 360 степени, радарски темпомат со самостојно запирање при опасност и активно следење лента со автоматска корекција на управувањето. Постои и можност за индуктивно полнење мобилен телефон, како и користење на услугите на Opel OnStar, вклучувајќи резервација на хотелска соба или барање слободно место за паркирање.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

152
20 shares, 152 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *