за

За десет години повеќе електромобили отколку обични автомобили

Студија спроведена од реномираниот PwC заклучува дека по десет години во Европа ќе има повеќе автомобили со погон на струја отколку автомобили со обичен погон. Но, за тоа да се случи е неопходна и голема поддршка од политиката.

Секој трет нов автомобил во Европа во 2030 година ќе биде електричен автомобил. Тоа е заклучокот во студијата на PwC. Според оваа студија, електричните автомобили уште во 2028 година ќе достигнат учество од околу 30 проценти, кога за првпат ќе го презедат водството од автомобилите со конвенционални мотори со внатрешно согорување, чијшто удел тогаш ќе изнесува 28 проценти. Преостанатите 40 проценти според ова сценарио ќе отпаѓаат на хибриди од најразличен вид.

Според процените на PwC, уделот на електричните автомобили до 2030 година ќе се зголеми на близу 37 проценти, додека бројот на бензинци и дизели ќе продолжи да опаѓа рапидно. Моментно 97 проценти од новорегистрираните автомобили во ЕУ користат конвенционален мотор со внатрешно согорување. Овој број до 2020 година ќе се намали на 90 проценти, за во 2025 година да достигне учество од одвај 50 проценти, а до 2030 година само 15 проценти.

Според париската конвенција, по 2050 година ќе нема возила со обичен погон

Прогнозите на PwC на прв поглед се чинат нереални. Но, не постои друга алтернатива. Лани во Париз беше поставена цел за глобална неутралност на емисијата на СО2 (COP21) до 2050 година. Тоа значи дека по 2050 година повеќе нема да се продаваат автомобили што испуштаат СО2 при експлоатацијата. Над 900 милиони автомобили ќе мора да се заменат со електрични автомобили или автомобили со друг погон што не наштетува на одржливоста на животната средина.

За целиот овој возен парк од речиси една милијарда автомобили да се замени со чисти возила, потребни се најмалку 14 години, а реално и до 20 години. Според тоа, автомобилската индустрија веќе во 2030 година ќе мора да се ориентира целосно на возила што не испуштаат СО2. На автомобилските производители им преостануваат уште две генерации автомобили со конвенционалната технологија.

https://automedia.mk/objavi/25691

PwC заклучува дека политиката мора да изврши големо влијание врз електромобилноста, почнувајќи од субвенции за возила со чист издув, до забрани за возење за автомобили со мотори со внатрешно согорување. Одличен пример пристига од Кина, каде што владата дава силна поддршка на чистите погони, заради спречување на еколошката катастрофа со аерозагадувањето во тамошните мегалополиси. Како резултат од тоа, веќе во 2020 година електричните автомобили ќе достигнат удел од пет проценти, а за 2030 година се предвидуваат над 40 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Audi R8 Spyder стартува со продажба во ноември

СО2 аерозагадување

Шефот на Nissan: „Лошиот воздух е добар за возилата со погон на батерии“