за ,

ЕУ воведува построги норми за автомобили со дизел мотор

Емисијата на штетни материи на автомобилите со дизел мотор во иднина ќе се тестира во реално возење, заради спречување на манипулацијата. Но, граничните вредности и натаму може да се пречекоруваат.

Експертите од 28-те држави членки во ЕУ, откако се утврди дека производителите на автомобили практикуваат лажно претставување на емисијата на штетни материи во издувот, се спогодија за воведување построги норми за проверка на автомобилите со дизел мотор. Тестирањата според новите норми ќе бидат поблиску до реалните услови на возење со цел да се одреди фактичкото оптоварување на воздухот со штетни материи. Новите норми ќе стапат во сила на 1-ви ноември 2017 година за сите нови модели на автомобили, пред истите да добијат хомологација, односно одобрение за пуштање во продажба.

Новите директиви се реакција на манипулирањето со издувните гасови од страна на производителите, кои користат софтвер што при лабораториските мерења прикажува вредности во границите на дозволеното, но во реално возење истите се до десетпати па и повеќе над нормите. Тестирањата според RDE (Real Driving Emissions) ќе ги исклучат можностите за манипулација, затоа што ќе се одвиваат во реални услови на возење.

Дозволеното отстапување ќе изнесува 50 проценти над лабораториските вредности

Според новите норми, на производителите ќе им се дозволи автомобилите при реално возење да имаат за 50 проценти повисоки вредности на емисијата на азотни оксиди отколку при лабораториските мерења. Во преодната фаза се предвидува овие отстапувања да бидат и двојно поголеми.

Новите модели на автомобили ќе мора да ги исполнуваат новите регулативи од 1-ви септември 2017, додека овие норми за новорегистрираните автомобили ќе важат од 1-ви септември 2019. Измерената вредност на емисијата на азотни оксиди тогаш сé уште ќе може да отстапува 2,1 пати од лабораториската вредност. Преодната фаза завршува на 1-ви јануари 2020 година за новите модели на автомобили, односно на 1-ви јануари 2021 година за новорегистрираните возила. Потоа, за реалните вредности ќе се дозволи отстапување за фактор 1,5, односно за 50 проценти над лабораториските вредности. Оваа „горна граница“ ќе важи трајно.

ЕУ е прв и единствен регион во светот што воведува толку робусни методи за тестирање

Со тоа, ЕУ ќе биде прв и единствен регион во светот што ќе ги дозволува овие робусни методи за тестирање. Моментно, според надлежните институции на ЕУ, реалните вредности на емисијата на штетни материи се четирикратно повисоки од лабоарториските вредности. Воведувањето на новите и построги норми секако ќе претставува и огромен предизвик за производителите, како од технички, така и од економски аспект.

Следно е парламентот на ЕУ да гласа за новите регулативи. Тој претходно ги критикуваше новите тестирања како недоследни.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Германските еколози тврдат и натаму дека Opel мами со дизелите

Volvo разви сензор за откривање кенгури на патот