152
20 shares, 152 points

Предностите од погонот на струја се покажуваат во многу поголем обем кога тој се применува на ниво на возен парк, кога намалувањето на работните трошоци има пресудно значење – исто колку и намалувањето на загаденоста на воздухот. Германија масовно го воведува електричниот погон во градскиот автобуски превоз.

Првите автобуси со погон на струја во Германија почнаа да возат во 2014 година. Шест години подоцна, 50 градови ширум земјата делумно или целосно ги заменија старите возила со дизел мотор со електрични автобуси. Производителите засега држат чекор со нарачките, бидејќи се работи за драстично помал број на автобуси, отколку во Кина, кадешто се случувало одеднаш да бидат нарачани и по 14.000 автобуси.

Холандскиот производител на електрични автобуси VDL, еден од водечките во браншата, неодамна доби нарачка за 53 автобуси за градот Келн. Ширум Европа моментно сообраќаат 670 примероци од типот Citeas Electric. Тие досега имаат изминато повеќе од 50 милиони километри.

VDL Bus & Coach е произлезен од некогашниот DAF Bus, по раздвојувањето од DAF

Компанијата планира за понатаму да го прошири своето присуство и во регионот на Јужна Европа. Покрај тоа, голем е бројот на превозници што бараат електричните автобуси да располагаат со поголем досег, за со нив да може да се покријат и меѓуградските и приградските линии.

Големите производители од рангот на Daimler или MAN уште заостануваат во поглед на понудата и испораката на автобуси со погон на струја. Водечките марки во германските градови, покрај VDL, се полскиот Solaris, како и релативно непознатите Sileo или Hess.

Значаен придонес за електрификацијата на јавниот превоз дава германската влада. Таа неодамна ја зголеми претходно обезбедената финансиска помош во висина од 500 милиони евра на двојно повеќе, на една милијарда евра. Според експертите, по германските улици моментно сообраќаат околу 22.000 автобуси со дизел мотор во служба на јавниот превоз. Повеќето од нив имаат прекумерна емисија на штетни материи.

Искуствата од примената на електримните автобуси во градското секојдневие се главно позитивни. Минстер, како град што јасно е посветен на велосипедски превоз, досега има само добри искуства. Од 2017 година, на линијата со број 14 сообраќаат единствено електрични автобуси. На крајните постојки се поставени брзи полначи, со што се избегнува потребата во автобусите да се вградуваат преголеми батерии. Градот планира целиот возен парк да го префрли на електричен погон до 2029 година.

Берлин годинава добива 107 е-автобуси, до 2030 година ќе се замени целиот возен парк од 1.600 автобуси

Во германската престолнина Берлин возат 30 електрични автобуси. Годинава пристигаат уште 90 електрични автобуси со стандардна должина и 17 зглобни автобуси. Целта е возниот парк до 2030 година целосно да се префрли на погон на струја. Станува збор за 1.600 автобуси. Батериите се полнат или во депото, или на крајните постојки, или пак, со напојување преку трола на одредени делници. Досегот на берлинските „електробуси“ изнесува околу 170 километри.

Градот Дрезден тестира електричен автобус од јуни 2015 година. Како научен партнер и финансиски покровител на тестирањето учествува Техничкиот Универзитет Дрезден. Сите страни во проектот имаат позитивни оцени, особено патниците. Во текот на годинава ќе се распише тендер за 20 електрични автобуси.

Во минхенското претпријатие за јавен превоз исто така имаат јасна визија: „Сакаме да се оттргнеме од нафтата и да се ориентираме на нулта емисија. Поради тоа, вложуваме во електрични автобуси.“ Целта на Минхен е целиот возен парк да го префрли на струја до 2030 година. Моментно се користат шест автобуси на струја на линијата со број 100, чијшто број в година ќе се зголеми на 26 автобуси. Вклучувајќи ги полначите, инвестицијата вреди дванаесет милиони евра. Оваа сума ја покрива сојузната покраина Баварија, како и државата.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

152
20 shares, 152 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *