за

Електричниот Renault Zoe вози 400 километри со едно полнење

Европскиот бестселер со погон на струја станува уште подобар за следното моделско годиште. Со нови батерии, Renault Zoe минува до 400 километри според норма, односно 300 километри во реални услови. Во моментов не постои друг електричен модел за масовниот пазар со поголем досег од Zoe.

Лидерот во електромобилноста на европскиот пазар, со над 100.000 продадени возила, на салонот во Париз ја претстави верзијата на Zoe со нова батерија што дозволува 400 километри со едно полнење. Со исклучок на Tesla, не постои модел со поголем досег од новата верзија Renault Zoe ZE40, кој штотуку стартува со продажба. Разликата со калифорниските електромобили е во тоа што Zoe е поевтин за најмалку трипати.

Renault е европски лидер во електромобилноста:

Над 100.000 продадени електромобили

Водечка марка во е-мобилноста од 2010 година

Секој четврти е-автомобил е Renault

Во Франција, секој втор е-автомобил е Renault

Renault Zoe е најпродаван е-автомобил

Renault Kangoo е најпродавано е-комби

Renault-Nissan е светски лидер, со пазарен удел над 50%

Со 400 километри, Zoe ZE 40 минува двапати повеќе километри со полни батерии отколку при пазарниот старт на моделот. Во реални услови, францускиот производител смета на енергија за 300 километри. Поголемиот досег им овозможува на купувачите поголема слобода, вклучувајќи и можност да се направат подолги тури без претходно планирање, односно „закачување“ на полнач. Во реалното секојдневие, четири од пет европски возачи минуваат дневно помалку од 60 километри. Тоа значи дека целата работна седмица сега може да се помине со само едно полнење на батериите на Zoe.

Половина час полнење за 120 километри

За половина час на обичен јавен полнач, батериите се полнат за 80 километри пат, додека на брз полнач за истото време се „добиваат“ 120 километри. Според Renault, сопствениот полнач Chameleon во возилото е побрз за два до трипати од кој било друг електричен модел за масовниот пазар. Новата батерија во Zoe ZE 40 е развиена во соработка со LG Chem и со 41 kWh располага со двојно повеќе капацитет од стандардната со 22 kWh. Димензиите се исти, промените се во електрохемијата во батериите.

Renault Zoe ZE40 2

Вградувањето на новата батерија им даде повод на инженерите да извршат и неколку преправки во возилото, вклучувајќи меѓу другото и нов систем за одржување на температурата на батериите меѓу 15 и 18 степени Целзиусови, кога времето е студено. Во корисните трикови на електромобилот спаѓа и тоа што греењето во кабината може да се пушти пред седнувањето во возилото. Тоа, сепак оди на сметка на досегот.

Renault Zoe ZE40 3

Досегашниот успех на Renault Zoe се темели на тоа што неговата цена во повеќето земји е иста со споредлив модел со мотор со внатрешно согорување, благодарение на државните субвенции и други повластици. Но, и функционалноста на Zoe придонесува за успехот, исто како и перформансите. Со 225 њутнметри на електромоторот R90, компактната комбилимузина забрзува до 50 за помалку од четири секунди. Покрај тоа, бучавата во кабината е до трипати пониска во споредба со автомобил со обичен мотор.

https://automedia.mk/objavi/26284

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota го планира наследникот на водородниот Mirai за 2020 година

Менаџер од McDonalds ќе ја предводи дигитализацијата во Volvo