за

Електричен тротинет со знак на BMW и цена од 2500 евра

Електричен тротинет со знак на BMW

Возачите што се совесни кон животната средина имаат нова можност да возат без грам штетни гасови. Електричен тротинет со знак на BMW минува до 35 километри, располага со напредна технологија, единствено цената е по малку „бемвеовска“.

BMW Motorrad X2City е последниот придонес на баварската марка на тема електромобилност. Но, овојпат не станува збор за автомобил или мотоцикл, туку нешто сосема поразлично. Единствено што е заедничко со BMW Motorrad, односно со мотоциклите од групацијата, тоа се двете тркала. X2City е електричен тротинет со знак на BMW.

Електричниот погон му помага на „возачот“ да постигне брзина до 25 километри на час. Тротинетот на батерии не признава застој или метеж, нема потреба од посебен простор. Батеријата испорачува енергија за 25 до 35 километри, што е далеку повеќе и од релацијата што обично се минува секој ден со автомобил.

Овој кик-скутер или електричен тротинет со знак на BMW ќе биде достапен во продавниците за спортска опрема

X2City е развиен заедно со ZEG, односно со групацијата што стои зад познатите марки Kettler, Bulls, Pegasus или Hercules. Електричниот тротинет или помодерно кик-скутерот ќе биде достапен во продавниците на овие марки, а преку нивните мрежи ќе се врши и сервисирањето. Продажбата се очекува да стартува до крајот на годинава, цената според BMW ќе изнесува до 2.500 евра.

BMW Motorrad X2City 2954

Кик-скутерот тежи 20 килограми, воланот е преклоплив, сместувањето во багажник е наједноставно. Преку копче на воланот се избира една од петте брзини во дијапазон од 8 до 25 километри на час. Поради безбедност, електромоторот се вклучува дури кога ќе се постигне брзина над осум километри на час. Возачот може во секое време да го исклучи електричниот погон на задното тркало со повлекување на рачката за сопирачките.

Батеријата со капацитет од 408 ватчасови и гаранција од четири години е сместена во куќиште заштитено од надворешни влијанија, под газиштето. Полнењето на отстранливата батерија на домашен приклучок за струја трае 2,5 часови.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

автомобил што работи на виски

Во Шкотска вози автомобил што работи на виски

Volvo XC60 Barbara Davidson

Фотографии направени од камерите на Volvo XC60