за

Ексклузивна серија на Porsche Panamera за 250.000 евра

Откако ја распродадоа серијата на 918 Spyder, швабите мораа да направат ново ремек дело со коешто ќе се гордеат и тие и сите сопственици на Porsche. Само 100 примероци ќе се изработат од оваа Panamera, повеќето се веќе продадени.

Porsche ја претстави ексклузивната серија на Panamera лани на салонот во Лос Анџелес. Иако цената на примерок од оваа серија изнесува точно 250.000 евра, дури 75 примероци од серијата ограничена на сто возила се веќе испорачани на сопствениците, главно во САД и на Средниот Исток. Изработката на стоте примероци од Panamera Exclusive Series се одвива во ексклузивната мануфактура, во фабриката за Panamera во Лајпцих. Продукцијата ќе заврши во октомври годинава, со што Panamera ES ќе стане следната легенда во историјата на Porsche. Таа има само малку допирни точки со „стандардната“ Panamera којашто до крајот на минатата година достигна продукција од 130.837 примероци. Како основа служи продолжената верзија на Panamera Turbo S Executive, со меѓуоскино растојание зголемено за 15 сантиметри, заради повеќе простор н задната клупа.

porsche panamera exclusive series 420150416Само најскапите материјали се дозволени во ексклузивната мануфактура на Porsche

Почнувајќи од бојата на каросеријата, сé е ексклузивно на оваа спортска лимузина. Рачно нанесениот лак се прелева од црна до темнокафена, а во кабината доминира најскапата воопшто достапна кожа за вградување во автомобил, испорачана од италијанскиот специјалист Poltrona Frau. Во потпирачите за глава е втиснато логото на Porsche, украсните панели се изработени од корен од ореово дрво, лакирани во „клавирски“ финиш.

Porsche тука ја вгради за првпат најнапредната верзија на својот мултимедиски систем, со два екрана од 10,1 инчи за задната клупа, плус најквалитетно просторно озвучување од култната марка во аудио-езотеријата Burmester. Но, посебна музика и не е потребна во овој Porsche, покрај звукот што го произведува 4,8-литарскиот V8 со битурбонатполнење, моќност од 570 КС и краткотрајно испорачување на вртежен момент од 800 њутнметри. Секако дека пакетот Sport Chrono следува како стандард. Првата „стотка“ паѓа по 3,9 секунди, следната по само 13,2 секунди.

Сепак, серијата е достапна само за малкумина. Сите други ентузијасти можат само да се радуваат на тоа што постојат вакви автомобили, што го претставуваат германското мајсторство во конструирање и изработка на автомобили во најдоброто можно светло.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Премиера на Volkswagen T6 во Амстердам

Macan му носи рекордни продажби на Porsche