179
23 shares, 179 points

Продажниот бум во сегментот на спортските теренци и кросовери има најголема заслуга за двеиполгодишниот раст во продажбата на автомобили на европскиот пазар. Само во февруари, растот достигна близу 14 проценти.

Бројот на новорегистрирани автомобили на европскиот пазар забележа раст од 13,8 проценти во февруари во споредба со истиот месец лани. Со тоа, пазарот веќе 30 месеци се наголемува постојано. Германскиот, италијанскиот, францускиот и шпанскиот пазар имаат двоцифрен пораст, додека само четири земји потфрлија со февруарската продажба: Грција (-32%), Холандија (-17%), Португалија (-3%[1]) и Швајцарија (-1%). Во првите два месеца од годинава, во Европа се продадоа 2,18 милиони возила, што претставува зголемување од 9,8 проценти.

Новиот Hyundai Tucson е модел со најголем пазарен пробив на европскиот пазар
Новиот Hyundai Tucson е модел со најголем пазарен пробив на европскиот пазар

Возилата од сегментот на спортски теренци и кросовери и натаму владеат со пазарот, на сметка на традиционалните сегменти. Само во февруари се продадоа 265.500 спортски теренци и кросовери, што е за 31 проценти повеќе отколку во истиот месец лани. Со тоа, на овие возила отпаѓаат дури 24,4 проценти од европскиот пазар.

Volkswagen го задржува водството со 124.300 продадени возила, иако со подзабавен раст од само 4 проценти. Ривалите Ford, Peugeot и Opel напредуваат со двоцифрен пораст, повисок од просекот на целиот пазар. На шестото место е Fiat, со одличен раст од 24 проценти, првенствено благодарение на домашниот пазар, каде што марката постигнува 61 проценти од својата продажба. Расте пазарниот уделот на Mazda (+0,35%), Mercedes (+0,28%), Honda (+0,26%) и Opel (+0,25%).

prodazba po segmenti eu

Марката Volkswagen предводи и во продажбата по модели. Golf е на првото место со 36.100 примероци, со незначителен раст од само 1 процент во споредба со ланскиот февруари. Дел од стагнацијата на бестселерот се должи на силниот удар од конкурентската Opel Astra, чијашто продажба порасна за 45% во Германија, за 27% во Италија и за неверојатни 167% Во Франција. Расте уделот и на Peugeot 308, Toyota Auris и Mercedes A-Class.

Второто и третото место им припаѓаат на Volkswagen Polo и Renault Clio, но силно им се приближува кросоверот Peugeot 2008. Тој дури ја престигна и Ford Fiesta, со одличната продажба во Франција, Италија и Шпанија. Најголем пораст во Топ 10 за двата месеца од годинава забележа Fiat Panda со 58%, главно од домашниот пазар. Голем раст во пазарниот удел има и кај Skoda Fabia (+49%, на 19-то место). Водечката десетка ја дополнуваат Skoda Octavia, Nissan Qashqai и Peugeot 308.

Речиси не постои модел од сегментот на кросовери и спортски теренци што е во минус: Peugeot 2008 исто така е во нагорен тренд
Речиси не постои модел од сегментот на кросовери и спортски теренци што е во минус: Peugeot 2008 исто така е во нагорен тренд

Opel Astra и Volkswagen Passat пропуштија пласман меѓу десетте најпродавани модели, додека Captur и натаму ја држи позицијата на втор најпродаван кросовер, со 16.500 примероци и плус од 11 проценти, што е послабо од конкурентите. Следат Ford Focus, Audi A3, Toyota Yaris, Peugeot 2008, Opel Mokka и Fiat 500.

Втор месец по ред, најголем пробив на пазарот постигнува новиот Hyundai Tucson. Компактниот теренец на Корејците е втор најпродаван модел во класата во Европа, пред Volkswagen Tiguan и Renault Kadjar – кој е втор по зголемувањето на пазарниот удел. Suzuki Vitara, Fiat 500X, Mercedes GLC и Mazda CX-3 исто така се во освојувачки поход на пазарот. Тоа воедно претставува и доказ дека за двоцифрениот пораст во продажбата на европскиот пазар се најзаслужни токму спортските теренци и кросоверите. Трендот ќе продолжи со уште поубедливо темпо откако водечките марки и премиум марките ќе ги претстават новите генерации модели од овој сегмент.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

179
23 shares, 179 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *