137
20 shares, 137 points

Аферата со дизелот и големите државни субвенции за електричните и хибридните возила го сведоа уделот на возилата со дизел мотор во продажбата на германскиот пазар на само една третина.

Најголемиот пазар за автомобили во Европа го спушта палецот за дизел моторот. Според официјалните статистики за продажбата на возила во Германија, уделот на моторот што е погоден од дизел аферата и се наоѓа под закана од забрана во повеќето европски градови, во ноември паднал на само 34 проценти. Тоа е за 17 процентни поени помалку во споредба со ланскиот ноември. Наспроти тоа, бензинецот доминира со околу 62 проценти, односно со зголемување на уделот за 28 проценти.

Намалениот интерес за дизелот на пазарот на нови возила ги спушта и цените на користените возила со дизел мотор

Преостанатите 4% отпаѓаат на возилата со алтернативен погон, вклучувајќи ги електричните и хибридните возила. Нивната застапеност во возниот парк сé уште е незначителна, но бележи нагло зголемување. Наспроти ланскиот ноември, со околу 3.000 алтернативни возила, во претпоследниот месец годинава се продале 8.662 возила што не користат бензин или дизел како гориво. Тоа е речиси трикратно зголемување. За ваквиот тренд секако дека најмногу придонесуваат масивните државни субвенции од 4.000 евра за електрично и 3.000 евра за плаг-ин хибридно возило.

Дизелите чмајат на германските плацеви, ни претстои ли нова инвазија загадувачи?

Од вкупно 302.636 продадени возила во ноември (+9,4%), околу една четвртина отпаѓа на модели од голф-класата, по што следат теренците и кросоверите (16,4%) и градските возила (+14,5%). Од увозните марки, најголем удел на германскиот пазар постигнува Skoda, со 5,8 проценти, додека Dacia бележи пораст од 53,4 проценти.

Во Македонија за 53% зголемен увозот на користени автомобили во третиот квартал од годинава

Наспроти уредната статистика за германскиот пазар, единствени достапни податоци за пазарот на автомобили во Македонија се оние од Царината. Во октомври годинава, кај нас се увезени 446 нови и 2.473 користени патнички автомобили, што претставува раст од 13,2 проценти, односно 40,1 проценти. Како што редакцијата на Automedia посочи пред повеќе од еден месец, увозот на користени автомобили забележа огромен раст во третиот квартал од годинава.

Споредено со минатата година, во периодот од јули до септември, во Македонија се увезени за 53% повеќе користени возила, или вкупно 5.796 возила, наспроти 3.784 во третиот квартал лани. Тоа се должи првенствено на драстичниот пад во цените на користените автомобили со дизел мотор на германскиот пазар, од кадешто доаѓа и најголемиот увоз на возила во земјава. Опаѓањето на интересот на германските возачи за дизел моторот, за когошто веќе се најавуваат и првите забрани за сообраќање во центрите на градовите, води кон натамошно зголемување на главниот извор на загадување на воздухот во македонските градови.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

137
20 shares, 137 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *