за

Десетте пионерски кросовери пред ерата на кросоверите

Денес речиси не постои производител што нема во понудата барем еден кросовер. Сите различно го толкуваат овој поим и токму тука лежи привлечноста на концептот. А, тој гласи: Нема концепт!

Кога нешто не е ниту лимузина ниту комбилимузина и ниту купе или кабриолет, туку е спој на нешто помеѓу, тогаш е кросовер. Сé што не спаѓа во вообичаените поделби според големината и формата на каросеријата, според некоја дополнителна способност во возењето или функционалност во кабината, се води под ова заедничко име. Поради тоа, кросоверите се појавуваат во сите големини и форми.

Кросоверите се само краткотраен тренд? Погрешно. Тие опстојуваат со децении, овие бунтовници и придвижувачи на иновативното размислување. Matra-Simca Rancho, на пример, се појави во 1977 година како спој на комби, ван и спортски теренец, но со предниот погон не успеваше да стигне подалеку на теренот. Неколку години подоцна се обидоа и Јапонците, претставувајќи ја идејата за мултинаменско возило или MPV во 1989 година. Купувачите на Mazda MPV добиваа и погон на сите тркала.

Највпечатлив меѓу пионерските кросовери е будалестиот X-90. Suzuki е единствениот производител што на светот му има дадено спортски теренец со две седишта и со отстранлив цврст покрив. Царот на кросоверите соединува најмалку три каросериски форми: Теренец, лимузина, родстер. Генијално.

Honda, Toyota и Subaru исто така не се колебаа да му дадат слобода на немирниот дух и ги претставија HR-V, RAV4 и Forester, како спој на обичен автомобил и спортски теренец. Пазарот тогаш уште немаше смислено име за овие возила што денес ги водиме како СУВ, односно спортски теренци. Honda отиде најдалеку пред своето време. Со каросеријата со три врати, ниската тежина, одличната управливост и богатата палета од бои, HR-V е предводник на актуелната генерација на асфалтни теренци. Forester утна во стилот, но добра страна му беше S-Turbo.

Mitsubishi Space Runner е друга приказна. Возилото беше замислено како лесен теренец, но во каросерија на ван, со практичен багажник и лизгачки врати отстрана. Renault и Volvo се решија за побезбедната варијанта и ги користеа постоечките модели за изведување на идејата за теренец. Речиси половина од каросеријата им беше покриена со пластика, исто како кај Subaru Outback. Тоа беше евтин трик за купувачите да се убедат дека Renault Scenic и Volvo V70 XC се способни како вистински теренци.

Французите дури монтираа тркало на задниот капак на RX4, заради убедливост. Истото се случуваше и неколку години претходно, кога се појави Golf Country. Теренецот од Golf беше качен високо над земја, со погон на сите тркала, и исто така со тркало закачено на задниот капак. Поекстремно не може да биде.

На крајот доаѓа еден мошне забавен тип. Skoda Felicia Fun е пикапот што Чесите го изведоа од класичната семејна комбилимузина. Забавната верзија на претходникот на Fabia имаше зголемено растојание од подлогата, спојлер на крајот, и најоткачено, две седишта што можеа да се постават зад кабината, кога товарниот простор не се користи за работа.

Десетте пионерски кросовери – според заслугите

1. Suzuki X-90
2. Matra-Simca Rancho
3. Honda HR-V
4. Volkswagen Golf Country
5. Renault Scenic RX4
6. Mazda MPV
7. Skoda Felicia Fun
8. Volvo V70 XC
9. Mitsubishi Space Runner
10. Subaru Forester

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

BMW планира да користи бандажи од карбон

Електричните автомобили се корисни и кога стојат