203
25 shares, 203 points

Во 1995 година, еколозите изработија автомобил каков што индустријата дури сега може да го понуди во продажба. Нивниот „Смајл“ со потрошувачка од три литри отсега е музејски експонат.

Името на овој малечок автомобил со дрежлива жолта каросерија не значи дека светот треба да му се потсмева, туку напротив. „Smile“ доаѓа од SMall, Intelligent, Light и Efficient, и на индустријата на четири тркала пред 20 години требаше да им покаже и докаже дека треба да се произведуваат малечки, интелигентни, лесни и ефикасни автомобили. Тој е идејна креација на светската организацијата за заштита на животната средина Greenpeace, изработена врз база на Renault Twingo во соработка со швајцарска компанија за тркачки болиди и развиена со цел на светот да му се покаже штедлив и рационален автомобил со разумна цена.

Идентична силина од 55 КС, повисока крајна брзина со 170 km/h, полесен за 200 kg

Штедливоста на „Smile“ беше докажана преку споредбено тестирање со стандардниот Renault Twuingo, како и со два модела од класата на малечките, Volkswagen Polo и Ford Fiesta. Присутните новинари не можеа да поверуваат на резултатот: Потрошувачката во споредба со стандардната верзија на моделот беше пониска за преку 50 проценти. Според официјалното мерење по 150-километарскиот тест, Smile потроши 3,3 литри, а фабричкиот Twingo 6,7 литри. Тоа беше сензационална вредност во 1996 година, особено покрај фактот што е постигната без денешните системи, како старт-стоп, без помош од електромотор или каква било електрификација во погонската спрега.

Smile стана дел од музејската постановка во Германскиот Музеј во Минхен, од каде уште долго време ќе сведочи за „индустриската чесност“
Smile стана дел од музејската постановка во Германскиот Музеј во Минхен, од каде уште долго време ќе сведочи за „индустриската чесност“

Гринпис во почетокот на 1993 година се впушти во проект за намалување на потрошувачката на гориво на автомобилите. Просечната потрошувачка на сите возила тогаш изнесуваше околу 10 литри на сто километри. Светските еколози си поставија цел да им докажат на производителите на автомобили дека потрошувачката на гориво може да се намали драстично, извршувајќи им силен притисок на тој начин. На среќа или не, Гринпис го избра најдобриот партнер за проектот, малечката швајцарска компанија Wenko.

Швајцарците во 1993 го „измислија“ принципот што денес е стандард во автомобилските мотори

Швајцарските техничари пристапија на идејата да вградат малечок мотор со повисок притисок на турбонатполнење отколку во вообичаените мотори во 1990-те години. Не случајно, овој „даунсајзинг“ денес прерасна во стандард под хаубата во сериските автомобили, сите производители преојдоа на смалување на мотори и турбо. Тежината на возилото се промени единствено со вградувањето помал мотор од стандардниот. Идејата беше да не се применуваат скапоцени и егзотични материјали, како карбон или магнезиум.

Smile доби гуми со намален отпор при тркалање, а каросеријата на стандарниот Twingo беше модифицирана со цел да се постигне најмалиот можен отпор на воздух за возилото. Аеродинамиката беше оптимирана во воздушниот тунел на швајцарската воена авијација и голем дел од решенијата во тој поглед подоцна беа копирани од повеќето производители на автомобили.

Развојот на овој единствен еко-автомобил тогаш чинеше преку 3 милиони германски марки. Неговата ефикасност се покажа на бројни маратонски возења во Германија, Данска, Грција и Италија. Штедливоста се докажуваше повторно и повторно, со вредности и под 2,5 литри бензин на сто километри. Со емисијата од 58 грами СО2 на километар, Smile од 1996 година уште е пред идната гранична норма за издувни гасови, која што е поставена на 95 грами СО2 на километар за 2020 година! Тоа само укажува дека не се купувачите тие што го запираат напредокот, туку производителите. Нивното мото е јасно како ден: Не развивај скапа нова технологија, ако старата можеш да ја поддотераш за помалку пари.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

203
25 shares, 203 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *