164
21 shares, 164 points

Германската служба за заштита на животната средина планира воведување драстични мери за протерување на старите дизел автомобили од градовите, меѓу другото и со укинување на даночните повластици за дизел горивото.

Сојузната служба за заштита на животната средина побара забрана за старите дизел автомобили во германските градови, со цел значително да се подобри квалитетот на воздухот до 2030 година и да се заштитат климата и здравјето на граѓаните. Намерата е да се поттикне користење на транспорт со ниска емисија на штетни материи и да се потисне користењето фосилни горива.

Службата во 2014 година регистрирала прекумерна загаденост на воздухот со азотни оксиди на повеќе од 60 проценти од мерните места во центарот на градовите. Во повеќето случаи, нивото на загаденост било и двојно повисоко од дозволените вредности во ЕУ. Германските еколози предлагаат да се воведе нова налепница со којашто во градовите ќе можат да пристапат само возилата со дизел мотор според нормата Euro 6.

Покрај тоа, се предлага и изедначување на даночните стапки на дизелот и бензинот. За дизелот моментно се плаќа 18,4 евроценти помалку данок отколку за бензинот. На тој начин не само што државната каса ќе добива дополнителни седум милијарди евра годишно, туку и ќе укине привилегијата за видот на погон којшто е особено штетен за животната средина. Овој чекор следува по најавата на француската влада дека ќе воведува сé поригорозни мери за дизелот, со крајна цел фосилните горива да се заменат со електрифицираните видови на погон (електрични автомобили, плагин-хибриди и автомобили со погон на водород).

Казната за нечистите ќе стане награда за чистите

Служба за заштита на животната средина понатаму бара во градовите да се воведе генерално ограничување на брзината на 30 километри на час – исто така по примерот на париската градоначалничка Ан Идалго. Следен чекор ќе биде и префрлување на средствата за јавен превоз на електричен погон. За таа цел се препорачува примена на систем бонус-малус, односно повисоко оданочување за нечистите видови на погон и нивни директно префрлување во субвенции за видовите на погон што не ја загадуваат животната средина.

Ниту фирмите нема да останат поштедени. Досега на германските фирми им се овозможуваше дел од добивката да искористат во повластувања за набавка на службени автомобили, што според еколозите претставува само дополнителен поттик за натамошно зголемување на загаденоста на животната средина. Понатаму, службата се залага трошоците коишто настануваат за државата за третирање на астматичните и другите видови заболувања на дишните патишта, да се префрлат на грбот на причинителите на загадувањето на воздухот, место на севкупното општество.

Според еколошката служба на Германија, потребно е да се промени и сообраќајната политика во градовите, односно истите да се претворат во средини во коишто автомобилите повеќе не се потребни. Тоа би се постигнало со систематско поврзување на пешачките зони, велосипедите и јавниот превоз, како и со интензивирање на примената на „car-sharing“, односно на системот за краткотрајно изнајмување на возила во градското подрачје.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

164
21 shares, 164 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *