за ,

Време е за зимска подготовка на автомобилот

Возењето по снег и кал, при студено и темно време само на малкумина може да им претставува задоволство. Автомобилот сепак мора да се подготви за безбедно да се помине зимото.

На луѓето некогаш им е полесно отколку на машините. Кога е студено, само ќе се облече подебела јакна, капа, шал, ракавици, и готова е подготовката за зимата. Автомобилите во тој поглед се многу почувствителни. Зимските гуми се неопходност, без разлика дали има паднато снег или не. Но, автомобилот ќе возврати и ако му се посвети внимание на уште неколку посебни детали, пред навистина да стане студено.

  1. Зимски гуми

zimski gumi testiranjeКако што температурите сé подолго остануваат под 7 степени Целзиусови, веќе е време зимските гуми конечно да се монтираат на автомобилот. Зошто 7 степени? Затоа што од таа температура надолу, веќе почнува да скрутува мешавината на летните гуми, со што се продолжува патот на сопирање, поради недоволното триење меѓу гумата и подлогата, а токму поради крутоста доаѓа и до поинтензивно трошење на газечкиот профил на гумата. Затоа, без разлика дали има паднато снег или не, зимските гуми во секој случај се предност во споредба со летните гуми. При мраз и снег, секако. За изборот на гуми можете да прочитате повеќе тука. Продавниците и сервисните работилници е подобро да се посетат сега, пред да започне метежот кога сите ќе се намерачат да ги монтираат зимските гуми на автомобилот. Доколку веќе ги имате користено зимските пневматициво минатата сезона, секако дека мора да се внимава и на длабочината на профилот, која не треба да биде помала од 4 милиметри. Повеќе околу изборот на зимски гуми прочитајте тука.

  1. Акумулатор

Акумулаторите се чувствителни на студ. При спуштање на температурите соодветно се намалува и капацитетот и може да се случи акумулаторот да откаже буквално преку ноќ, доколку настанало подрастично намалување на температурите. Кога моторот наутро стартува „заморено“, време е да се смени акумулаторот. Постои практика да се вози триесетина минути под повисока гас, за алтернаторот да испорачува повеќе струја и на тој начин да го поднаполни и „спаси“ акумулаторот. Притоа треба да се внимава да не се вклучуваат дополнителни потрошувачи, освен светлата. Суштината е во тоа да се вози подолго време од вообичаената дневна рута, со повеќе вртежи од вообичаено. Доколку акумулаторот е постар од пет или шест години, сепак ќе биде потребно тој да се замени.

Дебелата зимска јакна може да биде опасна при активирање на безбедносните ремени. Поради „слободниот“ простор меѓу ременот и телото, од мекиот материјал на јакната, ременот се затегнува пресилно и може да предизвика повреди место да заштити. Затоа, со јакна не се седнува во возилото
Дебелата зимска јакна може да биде опасна при активирање на безбедносните ремени. Поради „слободниот“ простор меѓу ременот и телото, од мекиот материјал на јакната, ременот се затегнува пресилно и може да предизвика повреди место да заштити. Затоа, со јакна не се седнува во возилото
  1. Светла

Покрај тоа што деновите се покуси и почесто се вози во темница, видливоста во зима се намалува и поради влажните патишта и маглата. Исправната светлосна сигнализација е важна не само за возачот да гледа, туку и да биде „виден“ од другите. Затоа е важно да се провери дали сите светла работат правилно и евентуалниот дефект во осветлувањето да се отстрани колку е можно поскоро. Сите светла мора да работат не само за техничкиот преглед и за сообраќајната полиција, туку заради сопствената безбедност. Друга работа е тоа што кај повеќето современи автомобили мора да се посети сервисната работилница заради замена на прегорена светилка. Законот сепак пропишува, резервни светилки мора да се поседуваат во возилото.

  1. Сопирачки

Сопирачките исто така се изложени на поголемо оптоварување во зимо, отколку во лето, поради студот, влажноста и солта на патот. Затоа не треба да се изостави проверка на дебелината на сопирачките облоги и на истрошеноста на сопирачките дискови.

  1. Моторно масло

Обичното моторно масло станува жилаво при ниски температури. Насобраната нечистотија во маслото придонесува дополнително за маслото да биде „погусто“. Затоа не е погрешно ако маслото се замени пред почетокот на зимата, особено ако редовната замена е блиску. Свежото масло придонесува за полесен старт на моторот, што значи и помало абење на компонентите на моторот, но и пониска потрошувачка. Уште подобро решение е користење лесноодно масло. Овие специјални масла се малку поскапи, но цената обично се надоместува со пониската потрошувачка на гориво. И со подолга трајност на моторот.

-Извежбајте го поставувањето на синџирите за снег на „суво“. На тој начин возачот нема да се доведува во дополнителна неволја, кога поставувањето на синџирите ќе биде неопходно, во реални зимски услови.
Извежбајте го поставувањето на синџирите за снег на „суво“. На тој начин возачот нема да се доведува во дополнителна неволја, кога поставувањето на синџирите ќе биде неопходно, во реални зимски услови.
  1. Систем за ладење на моторот

При долевање обична дестилирана вода во системот за ладење во моторот во текот на летото, малкумина помислуваат дека со тоа се намалува и заштитата од мрзнење на течноста во системот, па кога подоцна ќе настапат долготрајните студени периоди под нулата, постои опасност од оштетување на моторот. За проверка на заштитата од мрзнење може да се користи ареометар, кој се набавува во продавниците за автомобилски прибор, но најсигурно е проверката да се направи во сервис и евентуално да се коригира заштитата од мрзнење со долевање антифриз.

  1. Течност за стакла

Не заборавајте да ја смените течноста за стакла. Повеќето возачи практикуваат да долеваат обична дестилирана вода или дури и обична вода во текот на летото, па течноста за стакла останува без заштита од мрзнење кога ќе настапат зимските температури.

  1. Метлички на бришачите

Гумата на метличките скрутува при студ и станува порозна, па доколку има и најмали оштетувања, стаклата повеќе не се бришат доволно. Новите метлички не се скапи, а неретко постои можност за замена само на гумата, без потреба да се купува цела метличка. Во секој случај, возењето е многу попријатно (и побезбедно) кога бришачите не чкрипат по ветробранот.

Не заборавајте дека течноста за стакла може да сте ја разредиле со вода во текот на летото и истата повеќе не е заштитена од мрзнење
Не заборавајте дека течноста за стакла може да сте ја разредиле со вода во текот на летото и истата повеќе не е заштитена од мрзнење
  1. Внимателно возење

Дури и најдобрите зимски гуми не можат да го игнорираат снегот и мразот по патиштата. Во зима мора да се вози особено внимателно, без разлика колку возилото е добро подготвено и колку возачот се чувствува како во „природна средина“ при снег и студ. Затоа е добар совет, во зима да се појде малку предвреме и да се вози побавно, според условите.

  1. Не заборавајте го безбедносниот елек

При задржување околу возилото покрај пат, во услови на намалена видливост, никогаш не заборавајте да го облечете безбедносниот елек и да се надевате дека другите возачи ќе ве забележат и без елек.

За крај, внимавајте и на следниве совети:

  • Исчистете ги стаклата однатре, затоа што влажноста од облеката и од патосниците и седиштата помалку се таложи на чисти, отколку на валкани стакла. Ќе се изненадите колку нечистотија има наталожено на стаклата.
  • Денешните автомобили имаат централна брава и се заборава на бравите. Но, доколку се случи акумулаторот да откаже или при каква било друга ситуација, сепак ќе биде потребно да се користи бравата во вратите. Доколку бравите се замрзнати, автомобилот станува „неосвоив дворец“. За тоа да се спречи, претходно испрскајте малку спреј за одмрзнување во бравата или заштитете ја со посебна маст од продавниците за автомобилски прибор. Спрејот, секако, не треба да остане заклучен во автомобилот.
  • Заптивките на вратите често пати смрзнуваат во зима, особено ако е постаро возилото. За да се спречи оштетување на гумата при повлекувањето на вратите, па дури и оневозможување на пристапот во кабината, намачкајте ги заптивките со специјални „пенкала“ или со силиконски и талков спреј.
  • Исполирајте го лакот и нанесете средство за заштита на лакот врз база на тврд восок, за тој да се заштити подобро од евентуалните удари од камчињата на патот и да се спречи ширење на оштетувањето во лакот при изложеност на студ, влага и сол.
  • Извежбајте го поставувањето на синџирите за снег на „суво“. На тој начин возачот нема да се доведува во дополнителна неволја, кога поставувањето на синџирите ќе биде неопходно, во реални зимски услови.
  • Исчистете или заменете го филтерот за гориво, особено кај дизел мотор
  • Исчистете или заменете го филтерот за полен за кабината. При нечист и презаситен филтер повеќе се замаглуваат стаклата.

IИскуството е најдобрата подготовка

За најспокојно возење во текот на зимата, не е на одмет во возилото да ги имате и следниве предмети: Гребач за мраз, метличка, ракавици, спреј за одмрзнување брави и спреј за одмрзнување на ветробранот, фолија за покривање на ветробранот, дебело ќебе, лопатка. Некои возачи практикуваат во зимо да имаат и резервна кантичка со гориво (наполнета со зимски дизел), за при евентуален застој на патот да не останат без гориво и без греење во кабината. Искуството сепак е најдобра подготовка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Формула Е за в година најавува трки со „самовозечки“ болиди

Mitsubishi Outlander PHEV е хибриден автомобил на годината во Шкотска