Мотоцикли

Во Тирол отворен „највисокиот“ музеј за мотоцикли во Европа

Уникатни и бесценети мотоцикли се појавија на мошне неочекувано место, во „највисокиот“ музеј за мотоцикли, во австрискиот Ецтал. Над 200 стари мотоцикли ги очекуваат посетителите на 2.175 метри надморска висина.

Прочуената долина Ецтал во австрискиот Тирол доби уште една туристичка атракција за преку целата година. Во спектакуларно дизајниран објект во подножјето на планинскиот превој Тимелсјох на австриските алпи, на 2.175 метри надморска висина е отворен музеј што ќе ги одушевува фановите на мотоциклите и на автомобилите. Во музејот со површина од 3.000 метри квадратни се изложени стотина мотоцикли од најразлични епохи, заедно со неколку спортски автомобили.

Новата атракција на популарниот алпски превој меѓу Северен и Јужен Тирол се должи на колекционерската страст на Албан и Атила Шајбер. Со отворањето на таканаречениот Top Mountain Cross Point, близнаците ја остварија својата идеја за изградба на мултифункционален објект, со ресторан, жичница, наплатна станица за патарина и музеј за мотоцикли, во самото срце на објектот.

Жичницата до објектот започна да работи уште во минатиот ноември и ги донесе гостите до ресторанот, кадешто веќе беа изложени дребулии од светот на мотоциклизмот. Истовремено се одвиваа и градежните работи на „Top Mountain Motorcycle Museum“, за свеченото отворање на музејот да се случи во почетокот на април.

Во почетокот, збирката содржи 101 мотоцикл, вклучувајќи бесценети експонати како Brough Superior од 1939 година, кој некогаш бил во сопственост на легендарниот конструктор. Фановите ќе се одушеват и од Laurin & Klement од 1905 година, од марката што претходеше на денешната Skoda. Меѓу раритетите се и двоцилиндарски Indian од 1912 година и MV Agusta на рекордерот Џакомо Агостини.

Посетителите ги очекува патување буквално низ светот на мотоциклите, затоа што во збирката не отсуствува ниту една реномирана историска марка, од кој било дел од светот: A.J.S., BMW, DKW, Ducati, Harley-Davidson, Henderson, Honda, Indian, Matchless, Megola, Military, Moto Guzzi, Münch, Norton, NSU, Sunbeam, Triumph, Vincent и Zündapp. Ниту љубителите на ексклузивните автомобили нема да останат покусо, со ретки ѕверки како Ferrari California Spider, Porsche Speedster, Lotus 23 B или победничката Alfa Romeo од трката Миле Миља во 1936 година.

Близнаците Шајбер подготвуваат уште многу изненадувања во музејот

Браќата Шајбер ветуваат изненадување при секоја следна посета на нивниот музеј, со план да се организираат посветени изложби, вклучувајќи ги и преостанатите експонати од колекцијата, коишто се чуваат во тајност. За почеток може да се посети специјалната изложба на приколки за мотоцикли и скутери, додека за блиска иднина се најавува прикажување на историски „ратраци“ и стари теренски возила, соодветно на локацијата на музејот во Алпите.

Архитектурата на објектот е исто толку спектакуларна како неговите содржини. Користени се исклучиво природни материјали, првенствено дрво. Заоблените површини во екстериерот и интериерот асоцираат на свијоци од тркачка патека. Архитектот Михаел Брец за ова дело беше одликуван од италијанскиот портал за дизајн и архитектура „Best Archilovers“.

Отворањето во присуство на четиристотини гости беше придружено со акробации на хеликоптер и Alpha Jet од тимот за спектакли на Red Bull, со армада од Harley-Davidson и со дефиле на најстариот Bentley во светот, произведен во 1921 година и вреден над 30 милиони евра. Рекордерот во шампионски титули во мотоциклизам Џакомо Агостини извозе круг низ музејот со неговата MV Agusta, означувајќи го отворањето на музејот.

Top Mountain Motorcycle Museum: Факти

  • Над 200 историски мотоцикли во период од преку 100 години
  • Врвни експонати, како Harley-Davidson од 1914, Indian од 1912, Brough Superior од 1939
  • Најстариот мотоцикл е Laurin & Klement од 1905
  • Изложбена површина од 3.000 m²
  • Највисок музеј за мотоцикли во Европа (2.175 m надморска висина)
  • Ресторан со самопослужување во Top Mountain Crosspoint со најдобрите регионални и интернационални специјалитети за посетителите на музејот, за автомобилисти, мотоциклисти и за скијачи
  • Полначи за струја за електрични возила, вклучувајќи и електрични велосипеди
Flickr Album Gallery Powered By: Weblizar
Tags

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close

Notice: ob_end_flush(): failed to send buffer of zlib output compression (0) in /home/automedi/public_html/wp-includes/functions.php on line 3730