за

Бомбастично најавуваниот Faraday Future испадна празен балон

Од електричниот автомобил на мистериозната фирма Faraday Future се очекуваше вистински спектакл при премиерата во Лас Вегас. Но, големата тајна испадна надуван балон, кој само што не пукнал.

Електричниот автомобил на Faraday Future беше најавуван како конкурент на Tesla, како иднина на електричниот погон, како паметен телефон на тркала… Сите очекуваа да се случи нешто големо при премиерата, но сето тоа изостана откако Faraday Future FFZero01 Concept се појави на саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас. Од големата приказна испадна обичен дилентантизам, кој ја става иднината на проектот под голем прашалник.

ffzero01Неколку месеци наназад американските медиуми шпекулираа кој би можел да стои зад Faraday Future. За 4-ти јануари беше најавена конференција за медиуми, во предвечерието на саемот ЦЕС во Лас Вегас, на којашто конечно требаше да се открие тајната. Но, превезот падна неколку денови пред конференцијата, кога стана јасно дека Faraday нема никакви врски со Apple, туку станува збор за фирма на кинескиот милијардер Џиа Јуетинг. Тој сигурно имал измислено добра приказна штом успеа од владата на Невада да добие 330 милиони долари за изградба на нова фабрика со 4.500 вработени. Теоретски, Кинезот можеше без проблеми да ја плати оваа сума и од сопствен џеб, покрај капиталот од милијарда долари. Но, исто постапуваат и останатите производители на автомобили и од заедницата го земаат тоа што може да се земе. Tesla Motors, инаку, доби пари од државата на истиот начин.

ffzero01 (2)Владините претставници на Невада сигурно ќе имаат непреспани ноќи откако видоа што Faraday Future планира да биде нивниот прв автомобил. FFZero01 Concept е некој цивилен вид на тркачки едносед со 1.000 КС. Тоа е иднината на електричните автомобили? Сарказмот е единствената форма на изразување, за да се коментира овој BMW i8 за плејбои, кој е неверојатно скап и неверојатно непотребен. Дизајнот му е како на бетмобил од 1950-те години, дорасипан со внатрешност што изгледа како предимензионирана играчка конзола. За овој автомобил веројатно може да се најдат најмногу двајца купувачи во целиот свет. За тоа сепак не е потребна фабрика со 4.500 вработени.

Но, можеби се работи за стратегија. Што ако FFZero01 има за цел да го одвлече вниманието во погрешна насока, додека Faraday Future спокојно и тајно развива навистина чудесни електрични автомобили што ќе воведат револуција во електромобилноста? Колку и да звучи добро, оваа опција е сепак малку веројатна. Фирма што ќе направи автомобил како овој „Zero“ со реден број 01, сигурно не е сериозна фирма.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

2 коментари

Одговори
  1. Во најмала рака е несериозно нивното претставување пред медиумите. Наместо прикажување на нешто опипливо и функционално тие како искусни примадони вадат студија за чалам. Смешки!

  2. Наместо опиплив практичен и револуционерен прототип тие излегоа со студија на туркање. Тоа може етаблирани брендови да си го дозволат за приказ на иднината, ама тие имаат минато и сегашност која им го дозволува тоа. Момци седете 1!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ексклузивна серија на Jaguar F-Type во чест на британскиот дизајн

Volvo е автомобилот што навистина ги разбира вашите зборови