за

Бидете кул кога ќе откаже електрониката

На 40 степени во сенка дури и автомобилите откажуваат. Порано тоа е случуваше поради прегревање, денес неретко електрониката е причина за присилното мирување. Неколку совети.

Денешните возила се полни со електроника, од контролни модули за воздушните перници, преку АВЅ и контрола на стабилност, до контрола на работата на моторот. Електрониката е чувствителна на температура, исто колку и луѓето. Затоа, при дефект треба да се внимава возилото да се стави под сенка, не само поради сопственото здравје, туку и заради заштита на возилото. Во основа електронските делови се конструирани за температури меѓу -40 до +85 степени. Кога возилото ќе се паркира, температурата под хаубата за миг може да достигне 100 степени. Тоа, меѓу другото, ги оштетува каблите и цревата.

На што треба да се внимава лете?

Паркирање

Возилото секогаш треба да се паркира на студено место. При мирување се појавува најголема опасност. Ако температурата под хаубата се искачи до 100 степени, поради ширењето на материјалите од топлината и подоцнежното ладење од струењето на ветрот при возење може да се појават пукнатини во штампаните кола на електронските модули. Овие оштетувања потоа се откриваат мошне тешко.

Ако контролниот уред почне да откажува при возење на автопат, треба да се побара место под сенка за паркирање на возилото. Тоа важи особено по подолго патување и по совладување планински превои, кога електрониката и без тоа е веќе прегреана. Возилото треба да остане под сенка најмалку еден час пред да се продолжи возењето.

Застој на пат

Електронските компоненти се прегреваат и кога со возилото подолго време се наоѓате во колона во застој. Во тој случај најчесто откажуваат претходно оштетените системи. Затоа е најдобро да се гасне моторот, кој само дополнително создава топлина под хаубата.

Одржување на возилото

На возилото му е потребно одржување лете, исто како зиме. Возилото треба секогаш да е подготвено добро, со сменети филтри, масло и течности. Добро е да се проверат и клима уредот и вентилацијата.

При дефект

Кога ќе се прегрее електрониката, најчесто нема спас. Отстранете го возилото од патот и повикајте сервисна служба. Оставањето на возилото да се излади не помага. Продолжувањето со возење со дефектна електроника може да биде опасно, особено ако светат контролните светилки на воздушните перници, на контролата на стабилноста и сл.

Влегување во возилото

Доколку возилото стоело на директно сонце, во кабината може да се создадат температури и до 80 степени. Затоа, пред седнувањето треба да се отворат вратите, без разлика дали тоа поседува клима уред. Ако не може да се избегне оставање на директно сонце, помагаат облогите што се ставаат под ветробранот. Овие облоги во сребрена боја го рефлектираат сонцето и ја држат таблата и воланот под сенка. Дури и обичен картон може да помогне температурата да се намали за 25 степени.

Клима уред

Најчестата грешка е клима уредот да се пушти на најстудено веднаш по седнувањето. Екстремното ладење на загреаното возило ги доведува во опасност лицата со проблеми со крвотокот. Разликата меѓу надворешната и внатрешната температура не треба да е поголема од десет степени. Во спротивно, при излегувањето од климатизираната кабина доаѓа до преоптоварување на крвотокот. Добар совет е прозорците да се остават отворени при поаѓањето и клима уредот да се пушти на околу 25 степени. По неколку минути затворете ги прозорците. Рециркулацијата придонесува воздухот во кабината да се излади побрзо.

Детски седишта

При паркирањето ставете светла крпа врз детското седиште. Потребно е да се биде мошне претпазлив затоа што седиштата може да се загреат до степен кој што ќе предизвика изгореници кај малечките. Затоа проверете ја температурата пред детето да седне.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Британците нарачаа над 1.300 примероци од Peugeot 2008 на невидено

Само Google е подобар работодавец од Volkswagen