за ,

Бензинците со директно впрскување не се чисти колку што мислиме

Дизел моторите со директно впрскување веќе неколку години мораат да поседуваат филтер за честички саѓе. Европските власти досега им ја простуваа зголемената емисија на канцерогени честички на бензинците со оваа технологија. Но, од септември се менуваат работите. Пристига и нова генерација катализатори, некои производители на автомобили веќе започнаа со вградување на техника за пречистување на честичките коишто не се друго освен саѓе.

Нема ефект без контраефект – ова медицинско искуство коешто се потврдува на завршетокот на секоја тв-реклама за лекарства важи подеднакво и за конструкторите на автомобилските мотори. Последниот доказ за тоа се современите бензински мотори со директно впрскување на горивото. Оваа технологија постигнува намалување на потрошувачката на гориво за околу 15 проценти и ги освојува бензинците исто како што пред дваесетина години воведе револуција кај дизел моторите. Но, проблемот кај бензинските мотори со директно впрскување на горивото се состои во тоа што во издувните гасови се ослободуваат исклучително ситни честички кои се штетни по здравјето – познатите PM, истите што десеткратно ја надминуваат дозволената концентрација во македонските градови со интензивен сообраќај. Како што во последните години постојано се зголемуваат понудата и продажбата на модели со бензински мотор со директно впрскување, паралелно се зголемува и ризикот од овие честички.

Во светот не се спори дека емисијата на PM предизвикува кобни последици врз здравјето

Честичките со големина под 0,1 микрометри произлегуваат поради нецелосното согорување на горивото. Овие честички го напуштаат моторот како најситна црна прашинка, односно саѓи. Луѓето кои долготрајно вдишуваат воздух што содржи вакви наночестички, не само што се изложени на ризик од намалена функција на белите дробови, астма или рак на белите дробови, туку и на потешкотии на работата на срцето и крвотокот. Бројни студии имаат докажано дека вдишувањето на честичките од издувните гасови влијаат негативно врз работата на срцето по само неколку минути. Покрај тоа, на површината на честичките се таложат и други штетни материи од издувните гасови, од кои повеќето се канцерогени.

cetirifazni katalizatori 3

Медицинарите во светот веќе со години предупредуваат за опасностите од исклучително ситните честички во издувните гасови од бензинските мотори со директно впрскување, но политиката не реагираше соодветно. Напротив, со воведувањето на издувната норма Euro 6 во септември 2014 година, Европската Унија постави гранична вредност за честички за бензинските модели, којашто е десетпати повисока од лимитот што важи за автомобилите со дизел мотор.

Заштитата на животната средина победува над политичката заштита на индустријата

Тоа не е друго освен недозволива привилегија за бензинските мотори да ја загадуваат животната средина. За неправдата да биде уште поголема, на независни тестирања се има покажано дека некои бензинци со директно впрскување не само што не го почитуваат широкоградо одмерениот лимит на ЕУ, туку во практиката ја надминуваат граничната вредност и до 250 пати!

Но, тоа нема да трае вечно. Со воведувањето на новите постапки за контрола на издувните гасови WLTP и RDE, Европската Унија ги заострува и прописите за честички за бензинци. Од септември годинава, новите модели што ќе влезат во продажба, според регулативата Euro 6c ќе смеат да испуштаат шестпати по 1011 честички по километар, односно шест милијарди честички. Тоа е вредноста што кај дизел моторите мора да се почитува веќе подолго време. Освен масата на честичките, прописите на ЕУ од септември 2014 година го ограничуваат и бројот на честички во издувната струја.

  Дизели со директно впрскување Бензинци со директно впрскување
Издувна норма Маса на честички Број на честички Маса на честички Број на честички
Euro 3 (2000 г.) 50      
Euro 4 (2005 г.) 25      
Euro 5 (2009 г.) 5   4,5  
Euro 6/6b (2014 г.) 4,5 6 х 1011 4,5 6 х 1012
Euro 6c (2017 г.) 4,5 6 х 1011 4,5 6 х 1011

Техниката за надминување на овој проблем кај бензинските мотори со директно впрскување е позната веќе долго време – кај филтрите за честички коишто се докажани кај дизел моторите. Главната функција во овие филтри ја врши синтетичкиот керамички материјал кордиерит. Жешките издувни гасови од моторот минуваат низ куќиштето на филтерот, каде што честичките саѓе согоруваат, обично кога возачот ќе ја отпушти педалата за гас.

Следува масовно вградување четирифазни катализатори – со интегриран филтер за честички саѓе

Познатиот хемиски гигант BASF има развиено систем што ги интегрира катализаторот и филтерот за саѓе во иста единица. Во нејзината внатрешност се наоѓаат затворени канали коишто ја водат издувната струја низ порозните керамички ѕидови. Во нив се случува фактичното пречистување на издувните гасови. Специјален слој од благороден метал ги трансформира штетните гасни материи, додека керамиката дејствува како филтер и ги задржува честичките саѓе.

cetirifazni katalizatori 1

Филтрите се изработуваат од керамичка база којашто се обложува со благородни метали

Овие честички потоа согоруваат при високите температури од издувните гасови со помош на каталитичкиот слој. Не постои опасност од зачепување на системот, бидејќи честичките саѓе во најголемиот дел согоруваат во јаглероден диоксид и не можат да се наталожат во порите на катализаторот. Бидејќи новиот вид филтри ги пречистува јаглеродниот моноксид, јаглеводородите и азотните оксиди, но и честичките саѓе, тука веќе станува збор за четирифазен катализатор. Истиот веќе се наоѓа во тестирање кај повеќе производители на автомобили.

Mercedes веќе вградува филтер за честички саѓе во S 500, следат и останатите бензинци со директно впрскување

Првиот чекор како и обично го направи Mercedes-Benz. Моделот S 500 веќе подолго време се испорачува фабрички со дополнителен филтер за честички, а во текот на годинава филтерот ќе почне да се вградува и во останатите модели со бензински мотор во S-Class. Понатаму ќе следи сериско вградување на филтерот во новите генерации модели и во освежувањата на постоечките модели.

cetirifazni katalizatori 2

Во Volkswagen исто така ќе следи вградување на таканаречените филтри за честички за ото-мотори или OPF. За пет години, концернот ќе го вградува овој филтер во седум милиони свои возила на годишно ниво. Првите модели од концернот со оваа техника ќе се појават во продажба веќе во средината од годинава: Volkswagen Tiguan со 1,4-литарски TSI и Audi A5 2.0 TFSI.

Моментно околу половината од европската продажба во сегментот на бензинците отпаѓа на автомобили со бензински мотори со директно впрскување. За само неколку години, новиот четирифазен катализатор ќе прерасне во стандард во издувната техника на автомобилите. Производителите паралелно преземаат и конструктивни мери за намалување на емисијата на честички саѓе од самите мотори. Тоа ги поскапува идните мотори. Во меѓувреме, батериите за електричните автомобили поевтинуваат. Трендовите веќе се наѕираат јасно.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel Ampera-e

Купувањето на Opel нема да мине евтино за Французите

Infinity Q60 одликуван со престижната iF Design Award