за

Се сеќавате на Беби-Бенц?

Беби-Бенц Mercedes 190 (W 201)

Пред 35 години беше претставен Mercedes 190, автомобилот што воведе целосна револуција во дизајнот на марката. Беби-Бенц користеше и бројни технички иновации, а имаше и впечатливи триумфи на тркачките патеки. Светот го обожуваше тогашниот најмал модел на Mercedes, а денес со задоволство се сеќава на него.

Првата генерација на Mercedes C-Class се појави во 1993 година. Но, првиот модел од оваа класа е Mercedes 190, претставен на 8-ми декември 1982 година. Многумина уште го помнат како „Беби-Бенц“. Тој пристигна како четврта и најмала моделска серија во понудата на марката од Штутгарт. Дотогаш, моделската гама на Mercedes ја сочинуваа луксузните лимузини од S-Class, моделите од вишата средна класа – кои подоцна ќе станат E-Class, и спортските модели SL.

Со карбуратор 90 КС, со „ајншприц“ 122 КС

Серијата W 201 стартуваше уште во времето кога моторите користеа карбуратор. Во верзијата со дволитарски бензинец, Mercedes 190 располагаше со 90 КС. Втората опција беше Mercedes 190 E, со „Einspritzung“, односно со впрскување на горивото и 122 КС. Вистинската сензација беше изведбата 190 D, со дволитарски дизел со 72 КС. Таа пристигна во понудата во 1983 година, како прв патнички автомобил со дизел мотор сместен во акустична капсула. Оттаму произлезе и прекарот „шепотлив дизел“.

Беби-Бенц

Во 1986 година, едно скалило повисоко следеше Mercedes 190 D 2.5 Turbo, со 122 КС. Моделот со петцилиндарски дизел се нудеше исклучиво на американскиот пазар до есента 1987 година. Нему му парираше 190 E 2.6 со 166 КС, претставен истата година. Инженерите се намачија да го вградат големиот шестцилиндарец M 103 во малечкиот кош на W 201.

Беби-Бенц наоружан со рекорди уште пред светската премиера

Врвот во моделската серија следеше со легендарниот 190 E 2.3-16, со тогаш напредна четиривентилска техника и 185 КС. Пред пазарниот старт, најмалечкиот Mercedes постави серија рекорди, извозувајќи над 25.000 километри, над 25.000 милји и 50.000 километри со просечна брзина од 250 километри на час. Рекордното возење се одвиваше на овалот во Нардо, Северна Италија.

За пуштањето на обновената патека во Нирбургринг следеше уште еден спектакл. На 12-ти мај 1984 година, дваесет возачи во 190 E 2.3-16 ја извозеа првата трка по новата патека. Победи возачкото име што дотогаш им беше познато само на инсајдерите – најголемиот возач на сите времиња, Бразилецот Аиртон Сена.

Аиртон Сена му ја донесе првата победа на Mercedes 190 E 2.3-16

Беби-Бенц

Целосниот потенцијал на Беби-Бенц го извлече спортскиот 190 E 2.5-16 Evolution II, со моќност од 235 КС. Моделот послужи како хомологациска основа за тркачката серија DTM, во којашто моделот стартуваше во 1990 година. Серијата W 201 му донесе бројни триумфи на Mercedes. Марката ја освои шампионската титула во 1991 и 1992 година. Клаус Лудвиг беше вицешампион четирипати, три сезони заврши трет, а во 1992 година стана и шампион во тркачката серија.

Беби-Бенц постави нови стандарди за безбедноста. Носечките профили во покривот беа поставени нанадвор, што подоцна ќе се користи и кај W 124 (E-Class). Покрај тоа, првпат во класата се користеше вилушкаст носач со програмирана деформација, за врвна заштита при челен судир.

Ова парче историја се цени на 335.000 евра. Кај специјалистот Rosner има уште многу изненадувања.

Идејата за Беби-Бенц се раѓа уште во 1974 година, тогаш се потребни десет години додека се развие нов модел

Дизајнот е безвременски и дело е на Бруно Сако, еден од најголемите стилисти во историјата на марката. Со коефициентот на отпор на воздух 0,34, најмалечкиот модел постави рекорд во целата гама на марката.

Не е грешка во размерот, туку скусена верзија од W 114/115 за разработување на идејата за малечок Mercedes

Беби-Бенц

Идејата за W 201 почнува да се развива уште во 1973 година, кога Mercedes размислува за воведување помал модел. Овие размислувања се поттикнати од другата страна на океанот. Во САД во тоа време се воведуваат строги норми за потрошувачката на гориво. Покрај тоа, пазарот долго бараше автомобил од средната класа, којшто ќе ги задоволи високите комфорни и безбедносни стандарди на Mercedes.

Во фабриките во Зинденфинген и Бремен, до август 1993 година се произведоа 1.879.630 примероци од моделската генерација W 201. Наследникот пристигна како C-Class.

Галерија · Беби-Бенц

[FAG id=29402]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

брисел зони со ниска емисија

Брисел ги исклучува дизелите со Еуро 1 и Еуро 0

tesla тестирање дајмлер

Tesla Model X распаднат по тестирањето од Mercedes