за

Американците загрижени за „Тојотите“ во возниот парк на ИСИС

Американските антитерористи се загрижени за големиот број на теренски возила и пикапи од Toyota во пропагандните видеа во Ирак, Сирија и Либија. Мистерија е како овие возила завршуваат во рацете на терористичките групи.

Американските сили за борба против тероризмот започнаа истрага за големиот број на теренски возила и пикапи од Toyota во возниот парк на ИСИС, кои се забележуваат во сите пропагандни видеа во Ирак, Сирија и Либија. Како што денес објави американскиот канал ABC News, Toyota не е запознаена ниту вмешана во набавката на овие возила и ќе учествува во истрагата на американските власти, кои ја предводат широката коалиција што има за цел да спречи стока од Западот да заврши во рацете на терористичката група.

Јапонскиот производител има строга политика за спречување на продажба на возила на купувачи за кои постои сомнение дека ќе извршат модификација на возилата за паравоени или терористички активности. Toyota исто така нагласува дека е невозможно да се воспостави контрола врз возилата што се украдени или пак се купуваат и се препродаваат од трети лица. За ирачкиот амбасадор во САД исто така е мистерија како овие возила завршиле кај терористите и претпоставува дека истите биле набавувани систематски во претходните неколку години.

Пикапот Toyota Hilux и класичниот теренец Toyota Land Cruiser, обата модела со имиџ на неуништливи возила, станаа „заштитен знак“ во видеата на кампањата на ИСИС во Ирак, Сирија и Либија, натоварени со тешко наоружување. Повеќе од две третини од возилата во видеата се од марката Toyota, додека помалиот дел од возниот парк го надополнуваат возила од Mitsubishi, Hyundai и Isuzu.

Според Toyota, повеќето од возилата во видеата се од постаро годиште. Веќе подолго време се води полемика околу потеклото на возилата на Toyota во терористичките редови. Лани, американски радио канал објави дека Стејт Департментот им испорачал 43 пикапи на Toyota на сириските бунтовници. Неодамна, австралиски дневен весник објави дека преку 800 пикапи се украдени во Сиднеј во 2014 и 2015 година, за кои експертите претпоставуваат дека завршиле на територијата на ИСИС.

Во 2011 година, според официјалните податоци на Toyota, во Ирак биле продадени 6.000 примероци од Hilux и Land Cruiser, за бројката да достигне 18.000 примероци во 2013 и повторно да се намали на 13.000 примероци во текот на минатата година. Во изјавата за каналот ABC News, Toyota нагласува дека нејзините дилери во регионот не вршат продажба на возила на терористичката група и дека ќе го откаже договорот за дилерство доколку биде откриен таков случај. Дилерите во Сирија исто така не се вмешани во набавката на возила, затоа што увозникот ја прекинал активноста во земјата уште во 2012 година.

Поента што во целата оваа неволја може да ги тангира автомобилските ентузијасти, во смисла на  „И најлошиот публицитет е добар публицитет“: Терористите не ги избираат возилата на Toyota случајно, туку веруваат и се убедени во нивната издржливост.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Range Rover Evoque ќе биде најтеренскиот кабриолет во светот

Луксузната марка на Citroen ќе продава во Иран