136
18 shares, 136 points

Исто како што ја заштитуваме кожата од УВ-зраците, така и автомобилскиот лак бара заштита во лето. Зачуваниот лак ја задржува вредноста на автомобилот, но при обработката на лакот треба да се внимава на неколку работи.

Негувањето на лакот на автомобилот е лесно доколку се располага со соодветни средства за нега и со потребниот прибор. Трудот се враќа со освежувањето на сјајот на лакот и со задржувањето на вредноста на возилото. Ви откриваме на што треба посебно да се внимава при негувањето на лакот.

Уличната прашина што го гребе лакот како фина брусна хартија, залепениот цветен полен и силното УВ-зрачење претставуваат трајна закана за заштитниот лак на каросеријата на автомобилот. Не е доволно автомобилот само да се испере темелно, дури и кај новите возила. Комплетната нега на лакот, вклучувајќи конзервација, придонесува автомобилот подолго да ја задржи вредноста, односно да постигне повисока цена при евентуална продажба. Доволно е двапати во годината да се обработи лакот за истиот да ја задржи свежината подолго време.

Конзервација на лакот кај поновите автомобили, полирање кај постарите

Сега е вистинско време да се освежи лакот. Начинот на којшто се извршува негата зависи од состојбата на површината. Кај поновите автомобили обично е доволно да се обнови само слојот за конзервирање, додека кај постарите возила што почесто се изложени на силни атмосферски влијанија е неопходно да се исполира лакот.

Основа на секој третман на лакот е темелно миење. Грубата нечистотија се отстранува како и вообичаено со авто-шампон. Остатоците од инсекти, птичјиот измет, смолата и површинската корозија се малку поотпорни. Тие трајно ја оштетуваат површината и треба да се отстранат колку е можно побрзо, но внимателно. Со специјални средства за чистење и сунѓери од специјализираните продавници лесно се отстрануваат дури и најзапечените нечистотии.

Кога лакот е без сјај и неугледен по миењето на автомобилот, препорачливо е да се исполира, особено кај возила постари од три години. Ситните честички за брусење во средството го враќаат оригиналниот длабински сјај и ги отстрануваат ситните гребаници. Средството за полирање се распределува рамномерно со мали кружни движења со сунѓер. Кога слојот ќе се исуши целосно, остатоците од средството за полирање се отстрануваат најделотворно со микрофибер крпа.

Ако полирањето не помага, препорачлива е консултација во каросериска работилница

Доколку и по полирањето остануваат површински гребаници, оптичките оштетувања може да се поправат со специјални моливи во боја. Но, во случај кога се наѕира основниот слој под лакот, постои опасност од корозија и се препорачува оштетувањето да се поправи во каросериска работилница. Со разновидни методи во коишто нема потреба од отстранување на оштетените каросериски делови, овие оштетувања се отстрануваат брзо и евтино.

Како завршеток на секој третман следува конзервирање на лакот, заради заштита на истиот. Восокот се нанесува рамномерно, слично како средството за полирање, се остава да се исуши и на крајот се брише. Околу изборот на средства за полирање можете да се ориентирате според тестот на овие средства. Во зависност од средствата, староста на возилото и неговата експлоатација, заштитата трае до половина година. Подготовката на лакот за зимските месеци следува дури наесен.


Ти се допаѓа? Сподели со пријателите!

136
18 shares, 136 points
Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

0 Comments

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *