за

Автомобилот што ќе го преживее крајот на светот

Кај некои автомобили нема потреба да се објаснува нивната намена. Доволно е да се погледнат. Devolro Diablo е автомобилот што ќе ја преживее катаклизмата. За 150.000 долари, мора!

Американската тјунерска работилница Devolro ја користи Toyota Tundra како основа за нејзиниот суперавтомобил со 505 КС и со огромни тркала пред кои никој не сака да се најде доброволно. На креаторите на Devolro очигледно не им недостига фантазија. Како што изгледа овој куп метал качен на тркала, секоја пречка пред возилото би требало сама да се отстрани од патот на Diablo, за и таа да не биде уништена. Ниту во цивилизација не би требало да е многу поразлично. Кој уште би се охрабрил да се најде во препирка за слободно место на паркиралиште со сопственикот на оваа генетска мутација од тјунерската работилница од Флорида?

Подвозјето на Devolro е 18 сантиметри повисоко од стандардната Tundra, во комбинација со гуми за терен и бандажи со пречник од 22 инчи, со блокада на предниот и задниот диференцијал, со чекрк за влечење и со безброј светла. Ако некој случајно е толку занесен да не го забележи Diablo покрај себе, сигурно ќе биде растресен од сонот со сирената што се вградува во возилото. Таа е производ на Horn Blaster и за неа производителот тврди дека е најгласна сирена што е достапна на американскиот континент.

Моторот? Тука не смее да има сомнеж: Осумцилиндарец во V, со компресорско натполнење и 505 КС. Повеќе неизвесност има околу цената на возилото. Најевтина можност да се вози Devolro Diablo е стандардната верзија на возилото, без компресорско натполнење, со основна опрема и со цена од околу 150.000 долари. Со избирање на ставките од долгиот список на дополнителна опрема, не е тешкотија цената на возилото да се напумпа двојно. Тјунерите од Флорида планираат годишно да изработуваат по 20 примероци од Diablo.

[box type=”shadow” ]

Технички податоци

Devolro Diablo

Мотор: Работна зафатнина 5,7 литри, генерација i-Force, осум цилиндри во V, 32 вентили, варијабилна фаза и одови на брегасти вратила на издувен и вшмукувачки тракт VVT-i

Моќност 381 КС при 5600/min (505 КС во верзија со компресорско натполнење)

Вртежен момент 544 њутнметри при 3600/min

Шестстепен автоматски менувач со приспособливи програми, можност за рачно менување на степени и помош при поаѓање на нагорнина и спуштање по надолнина

Меѓуоскино растојание 3,7 метри

Најголема тежина на приколка 5670 килограми

Носивост 1361 килограми

Резервоар за гориво 174 литри

Тежина во возна состојба 3311 килограми

Гуми Toyo Open Country 35×12,5×20

Должина на возило 6063 милиметри

Ширина на возило 2029 милиметри

Висина на возило 2174 милиметри

Најмало растојание од подлога 508 милиметри

Потрошувачка на гориво во град 18 l/100 km, на автопат 13 l/100 km [/box]

[nggallery id=35]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автомобилот на струја на BMW ќе чини 30.000 евра

Mercedes го повикува Citan во сервис