за

Автомобили што не се забораваат: Alfa Romeo 155 Q4

Миланската марка ја одбрани честа по преоѓањето на преден погон кај Alfa 155 со претставувањето на овој модел со погон на сите тркала и турбо мотор од Lancia. Преостанатите примероци достигнуваат астрономски цени.

Во 1986 година Fiat ја презеде контролата над Alfa Romeo, којашто тогаш беше во длабока криза. Гигантот од Торино мораше да смисли нов план за поправање на лошата финансиска ситуација на Alfa Romeo. Моделот Alfa 75, таткото на автомобилот што го избравме за овој викенд, имаше погон на задната оска. Марката од Милано беше препознатлива токму по задниот погон, но поради намалување на трошоците, идниот модел мораше да се префрли на погон на предните тркала. Така и се случи, Alfa Romeo 155 да се појави на платформата на Fiat Tipo, со преден погон.

Колку што тоа беше позитивно за марката, затоа што се намалија трошоците за развој и производство, толку беше и полошо, затоа што Alfa ја загуби препознатливоста. Италијанците релативно лесно го најдоа решението. Газдата Fiat посегна по техниката од моделите на марката Lancia и ги вгради погонот на сите тркала Q4 и дволитарскиот турбобензинец од Delta Integrale во нашата денешна избраничка Alfa Romeo 155 Q4. Брзата лимузина доби тешка задача да го извлече моделот Alfa 155 од сенката на Alfa 75, којашто традиционалистите на марката веќе одамна ја сметаа како последна вистинска Alfa.

Со дволитарскиот мотор со турбонаполнење и тогаш сé уште свежата четиривентилска техника од Delta, во комбинација со „шампионски“ погон на сите тркала, 155 Q4 беше доста брза машина. Лимузината тешка 1.400 килограми забрзуваше до сто за седум секунди и постигнуваше крајна брзина од 225 km/h. И покрај овие солидни бројки, Q4 не постигна многу во продажбата. Од 1992 до 1996 година се произведоа само 2.500 примероци од моделот. Толку е поголема и денешната вредност на овој раритет со знакот на Alfa. Добро сочуваните примероци од раната серија на производство достигнуваат астрономски цени за своето годиште, меѓу 10 и 15 илјади евра, со тенденција нивната вредност да продолжи да се зголемува во иднина. Вредноста на Q4 ќе порасне веднаш откако Alfa Romeo ќе ја претстави новата Giulia.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Луксузна изведба на Renault Clio со доплата од 3.300 евра

Skoda ги објави чешките цени за новата Fabia