за

Jeep Renegade: Толку малечко, а сепак „џип“

Моделот од кој се срамат поклониците на Jeep е исто толку Opel колку што е Fiat

Новиот Renegade е прв модел на Jeep што се произведува надвор од САД, во Италија. Тоа може и да не им пречи на љубителите на марката, затоа што Renagede во карактерот сепак е Jeep.

Љубителите на марката Jeep ќе мора силно да ги стиснат забите, затоа што по првиот Jeep, којшто беше долг 3,3 метри, досега немало толку кус модел како Renegade. Но, има уште една работа. Новиот Renegade е прв модел од марката што не се произведува во САД, туку во Мелфи, Италија. Овој прв заеднички проект на американско-италијанскиот концерн е воедно и прв Jeep што во дури три варијанти вози само со погон на предните тркала. Тоа е културен шок за тврдокорните фанови на Jeep, но и влез во нов сегмент којшто ќе привлече нов круг на купувачи во марката.

Со должина од 4,25 метри и ширина од 1,8 метар, Renegade се бројува во класата на компактни спортски теренци, во еден од пазарните сегменти што бележат најголем раст. Шефовите во Jeep не сакаа да дозволат другите марки да гризаат сами во големиот колач и во прекуокеанска соработка го развија Renegade, коешто повторно е причина да се разлутат хардкор-фановите на марката. Ова име порано го носеше верзијата на Wrangler со мотор V8.

Дизајнот и погонот на сите тркала потекнуваат од САД, подвозјето е дело на Италијанците. Основата на платформа потекнува од Fiat 500 L, но задната оска е целосно преработена заради погонот на сите тркала што се вклучува автоматски. Renegade се произведува во Мелфи, веднаш покрај Fiat Punto.

Каросеријата можеби е мала, но Renegade сепак е голем, барем во преземањето на стилските белези на поголемите браќа. Тука спаѓаат неизоставните седум шлицови во предната маска, исто како и тркалезните светла, како потсеќање на првиот Jeep. Истото важи и во внатрешноста, каде што не отсуствува ниту држачот пред совозачкото седиште. Повеќето од деловите во кокпитот се преземени од Cherokee, во средишната конзола доминира 18-сантиметарскиот дисплеј на серискиот систем Uconnect.

За европскиот пазар се планирани шест мотори. Најсилен избор кај бензинците е 1.4 MultiAir2 Turbo со 170 КС, а под него се 1,4-литарец со 140 КС и 1,6-литарец со 110 КС. Понудата ја комплетираат три дизели, два дволитарски со моќност од 140 или 170 КС, и еден 1,6-литарски со 120 КС. За прв пат во овој сегмент може да се доплати и за деветстепен автоматски менувач. За Русија, Средниот Исток и Јужна Африка дополнително се нуди и 2,4–литарски бензинец со 185 КС.

Купувачите ќе имаат на располагање и четири нивоа на опреме, основното Sport, во коешто веќе е вклучен клима уред, средните нивоа Longitude и Limited, и највисокото ниво Trailhawk, посебно опремено за теренско возење. Верзиите со погон на сите тркала го поседуваат автоматскиот систем Selec Terrain, во когошто може да се избира меѓу Auto, Snow, Sand + Mud и Rock.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Оваа девојка е рекордерка: 336,05 km/h со BMW S 1000 RR

Volkswagen Touareg: Лета со 340 КС, но може и да едри