за

Стар Jaguar „реновиран“ според вкус на новиот дизајнер

Исто како што архитектите градат модерни палати од стакло и челик, а живеат во реновирани стари куќи, така и авто дизајнерите сакаат да ги „обновуваат“ старите креации.

Јан Калум е Шкот и по професија е главен дизајнер во Jaguar. Последново му дава предност пред повеќето други ентузијасти, затоа што може полесно да ги оствари своите соништа за автомобил. Тоа и го стори. Калум нарача специјалистот за каросериски преправки Classic Motor Cars да му изработи примерок од оригиналниот Jaguar Mark 2, којшто изгледа исто како тој да го дизајнирал овој култен автомобил од 1960-те години. Традиционалистите на британската марка немаат причина да паничат, затоа што Калум ја задржи оригиналната форма на каросеријата и модифицираше само неколку детали – со исклучок на просторот под хаубата.

Место оригиналниот мотор, тука работи 4,3-литарскиот V8 од актуелниот Jaguar XK, а подвозјето и амортизацијата се дотерани соодветно на поголемата моќност за моторот. Најголемата промена во изгледот е во браниците. Дизајнерот реши да ги интегрира браниците во каросеријата, исто како кај денешните автомобили. Автомобилот е спуштен са 30 милиметри и стои на дводелни жичени бандажи од 17 инчи. Отстрана во предните крила се забележуваат четирите изрези, не само поради тоа што „жабрите“ се дел од дизајнерскиот печат на Калум, туку и поради тоа што на силниот мотор му треба повеќе воздух.

Преправката во Classic Motor Cars траеше 18 месеци, а колку чинел целиот овој зафат останува тајна. Во секој случај, Калум секојдневно ќе го вози овој Mark 2 изработен по негов вкус и притоа ќе користи технологија што никогаш не била достапна во оригиналниот модел – и од којашто на традиционалистите им се крева косата на глава. Со притисок на копче, од таблата излегува дисплеј за ракување со скап систем за озвучување од Clarion.

По малку шокантно? Не мора да биде така, ако се има во предвид декамарката Jaguar отсекогаш воведувала иновации во браншата.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новиот кросовер NX може да стане најпродаван модел на Lexus

100 години на Maserati: Ова е нивниот најуспешен тркач