за

Расте напнатоста во авто браншата: Наскоро мрежа од 48 волти

Автомобилите имаат сé поголема потреба од струја со повисок напон. В година Audi стартува со 48 волти. Во почетокот оваа мрежа ќе работи паралелно со 12-волтната.

Новите генерации на автомобили имаат голема потреба од струја. Од една страна, тука се системите за асистенција и забавната електроника, а од друга страна е сé поинтензивното воведување на струја во погонот. Од следната година ќе биде достапна струјна мрежа со напон од 48 волти, што им отвора нови можности на производителите на автомобили. Новата генерација на Audi Q7 ќе биде еден од првите автомобили со мрежа со четирикратно повисок напон, паралелно со постоечката мрежа од 12 волти.

Главната причина за воведувањето на мрежа со 48 волти во Audi е да се обезбеди доволно енергија за погон на електричниот турбокомпресор, когошто Баварците го воведуваат како иновација за натамошно зголемување на перформансите на дизел моторите. Без разлика што техниката напредуваше постојано во минатите години, со цел да се надмине вродената слабост на техниката на турбонатполнење – инертноста при ниски вртежи, односно колебањето при поаѓање – „турбо дупката“ и натаму е присутна. Турбината се задвижува од издувните гасови и потребно е извесно време додека гасовите го совладаат патот од цилиндрите до компресорот. Инженерите на Audi дојдоа до решение за надминување на проблемот – со електричен погон на турбината. Електричното турбо реагира без какво било доцнење при додавање гас, „турбо дупката“ е минато.

Новата техника воопшто не е комплицирана. Но, услов за нејзина реализација е обезбедување на струја со повисок напон. Е-турбо работи само при ниски вртежи, односно при поаѓање или при меѓузабрзување, додека при повисоки вртежи и натаму продолжува да си работи постоечкиот турбокомпресор. Но, и за ова краткотрајно вклучување на електричното турбо е потребно многу енергија. Таа може да се обезбеди и со постоечката мрежа од 12 волти, за што се неопходни дебели кабли. Проблемот е што овие кабли се скапи и премногу тешки за целата струјна мрежа да се покрие со нив.

За таа цел ќе се користи посебна мрежа со напон од 48 волти. Со повисокиот напон се нудат и многу предности, при што првенствено се мисли на зголемувањето на ефикасноста на големите потрошувачи на струја, како на пример генераторите или електромоторите. Корист од 48-те волти ќе има и системот за повраток на енергијата при сопирање, што е дел од мерите за намалување на потрошувачката на гориво кај повеќето нови модели. Со четирикратно поголемиот напон на мрежата се постигнува четирипати поголем повраток на енергијата при сопирање отколку со 12-волтната мрежа. Тоа ќе се рефлектира и врз потрошувачката на гориво. Струјата што се добива при сопирањето, освен за напојување на електронските компоненти во возилото ќе може да се користи и како извор на енергија за хибридниот систем. Добавувачот Bosch веќе има развиено таква техника. Овој т.н. Boost Recuperation System дава дополнителна сила при поаѓање и забрзување, растоварувајќи го конвенционалниот мотор. Според Bosch, потрошувачката со оваа техника се намалува до 25 проценти. Секако дека и возачот ќе ужива во оваа дополнителна сила.

Неколку факти за струјната мрежа во автомобилите

  • 100+ Повеќе од 100 потрошувачи, како сензори, контрола на работата на моторот или АВЅ се вградуваат во модерните возила од компакт класата. Во повисоките класи, бројот е уште повисок
  • 40 kg    Околу 40 килограми тежи струјната мрежа во модерно возило од средна класа
  • 2000 m Струјната мрежа се состои од најмалку 2.000 метри кабел
  • 1,5 kW  Во зависност од класата, потрошувачите бараат и до 1,5 киловат континуирана моќност, а при повисоко оптоварување и двапати поголема моќност

За разлика од конвенционалните хибридни системи, кои што работат под напон од неколку стотини волти, кај хибридите со 48-волти не се потребни скапи системи за заштита од висок напон, што дозволува примена на техниката и во поевтините автомобилски сегменти. Напонот од 48 волти ќе придонесува во заштедата на гориво и на друг начин. Помошните агрегати, како сервоуправувањето, пумпата за вода или компресорот за клима уредот обично ја користат силата на моторот. Со преоѓање на струја за нивно напојување ќе се поедноставни нивната работа и воедно ќе се овозможи истите да се вклучуваат само по потреба. Во некои модели од премиум сегментот веќе се користи овој принцип, но со 12-волтен напон. Производителите го бараат секој можен начин за намалување на потрошувачката на гориво, под притисок да го задоволат лимитот од 95 грами СО2 по километар што ќе важи од 2020 година. Без електрификација на погонот и на помошните агрегати е невозможно да се исполнат овие цели.

Тоа е воедно и главната причина зошто 48-волтната мрежа наскоро ќе премине во стандард во автомобилите. Во 1990-те години веќе имаше еден обид со напон од 42 волти, но проектот заврши неславно, затоа што техниката во тоа време беше премногу скапа, а предностите занемарливи. Во меѓувреме се појавија и хибридните возила, со коишто техниката постојано созреваше.

Добавувачите на автомобилската индустрија се веќе подготвени да нудат компоненти за напон од 48 волти. Вообичаено, техниката прво ќе биде достапна во возилата од високата класа, а потоа ќе се воведува постепено во пониските класи. Во видно време, 48-волтната мрежа ќе работи паралелно со постоечката мрежа од 12 волти. Тоа нема да влијае премногу врз цената на возилата, затоа што индустријата веќе има собрано доволно искуства со хибридните возила – коишто исто така користат мрежа со 12 волти.

Присуството на две струјни мрежи со 12 и 48 волти не е проблем, тоа е веќе вообичаено кај хибридните возила

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Bentley планира спортски двосед

Tesla и Panasonic ќе градат гигантска фабрика за батерии