за

Suzuki Celerio: Малечкиот брат на Swift пристигнува кон крајот на 2014

Suzuki повторно се докажува како специјалист за малечките автомобили. Новиот Celerio има најголема кабина и најчисти мотори во класата. Моделот пристигнува кон крајот на годината.

Салонот во Женева е во знак на малечките автомобили. Никогаш досега немало одеднаш повеќе премиери на нови модели од оваа класа. Се појавија модели од секаков вид, брзи и скапи, ретро и футуристички, но тој што ќе постигне најголема продажба на глобално ниво и натаму ќе го носи знакот на Suzuki. Јапонците го имаат наследникот на популарниот Alto, којшто настапува под моделското име Celerio и ќе стартува на европскиот пазар кон крајот на годинава.

Дизајнот одговара повеќе на европскиот вкус

Со впечатлив дизајн на предната маска и профилирана странична линија новиот Celerio ќе биде попривлечен за купувачите. Целта на дизајнерите беше острите рабови на каросеријата да оддаваат впечаток за висок квалитет на изработка. Најголемиот напредок во дизајнот сепак е постигнат во внатрешноста. За разлика од претходникот Alto, новакот многу поуспешно фаќа чекор со времето и внесува свежина која што и ја очекуваат купувачите во класата.

За каросеријата ќе стојат на располагање девет бои, од кои три се нови (сина, жолта и розова, сите во металик изведба. Седиштата се обложени со црно платно, во контраст со сина или жолта боја во зависност од бојата на каросеријата.

Просторноста на кабината е меѓу најсилните адути на Celerio

Стратезите на Suzuki полагаат најмногу на просторната кабина на Celerio. Тоа е постигнато со комплетна преработка на структурата на каросеријата, за на должина од 3,6 метри и ширина од 1,6 метар да се постигне најголема просторна понуда во класата. Како доказ за просторноста, Celerio располага со 743 милиметри растојание меѓу предните и задните седишта, при меѓуоскино растојание од 2,425 метри. Со тоа оди и подобрена изолација на кабината, како и на сите компоненти што придонесуваат за комфорот во возење.

Никој во класата нема поголем багажник

Со примена на торзиска оска со рамни краеви за водењето на задните тркала, инженерите на Suzuki постигнаа повисока цврстина на подот на возилото и воедно понизок под на багажникот. Благодарение на тоа, Celerio располага со багажник од 254 литри, кој е најголем во класата и со правилна форма на отворот на багажникот за лесно товарање. Во прилог на тоа оди и нискиот товарен раб со 682 милиметри над земја.

Позицијата на рачката на менувачот е оптимирана во споредба со претходникот. Ергономите ја подигнаа и висината на седење, за подобра прегледност и полесно седнување. Вратите исто така се поголеми и се отвораат под поширок агол.

Просечно 3,66 литри на сто километри со новиот бензинец

Во Celerio ќе се вградуваат два трицилиндарски мотора, од кои едниот е комплетно нов и ја носи ознаката K10C. Овој еднолитарски бензинец има поголема компресија (12,0:1), варијабилна работа на брегастото вратило за вшмукувачките вентили и впрскување на горивото во две фази. Во комбинација со серискиот систем старт стоп и мери за намалување на внатрешното триење, како и на тежината, овој мотор постигнува впечатлива штедливост со просечно 3,66 литри на сто километри и емисија од само 85 грами CO2 на километар.

Инженерите вградија и разладуван вентил за повраток на издувните гасови, кој го придушува самозапалувањето на смешата и спречува неконтролирано согорување. Мерите на оптимирање на култивираноста и штедливоста ги заокружуваат користестата форма на челото на клиповите и тркалачките валчиња на потиснувачите на вентилите, со кои триењето во ова подрачје се намалува за околу 30 проценти. Познатиот мотор K10B претрпе слични модификации во насока на намалување на триењето и на тежината.

Петстепениот менувач исто така е конструиран од ново, со намалено триење и полесно водење на рачката на менувачот. За подобрување на ефикасноста, губитокот на вртежниот момент е намален за 40 проценти преку користење на помала количина на масло и лежишта со намален отпор. Новите синхрони прстени и подобрениот пренос на рачката на менувачот воедно се грижат и за попрецизно и посигурно ракување со рачката на менувачот. Како опција се нуди нов роботизиран менувач, со електрохидраулична контрола на спојката и на промената на степените на пренос.

Поцврст челик за полесна каросерија

На крајот е оптимирана и безбедносната структура на каросеријата, со примена на челична ламарина со висока цврстина, која овозможува помала дебелина на ламарината и воедно поголема цврстина. На тој начин се постигна и намалување на тежината на каросеријата. Во стандардната безбедносна опрема спаѓаат 6 воздушни перници, контрола на стабилност со помош при поаѓање и контрола на притисокот во гумите. Продажбата на новиот Celerio на европскиот пазар ќе стартува кон крајот на годината. Цените уште не се познати, но според актуелниот Alto, може повторно да се очекува модел што ќе нуди најдобра противвредност во класата на малечките автомобили.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Теренецот на Maserati ќе се појави в година

Следната генерација на Toyota Yaris ќе има мотори од Mazda?