за ,

Македонија на дното на регионот во продажбата на нови автомобили

Само 207 нови автомобили се продадени во првиот месец од годинава. Тоа е најслабиот резултат во целиот регион на Централна и Источна Европа. За споредба, продажбата во Словенија е поголема за речиси триесет пати.

Во јануари само еден на секои 10.000 македонски жители се подновил со автомобил. Тоа произлегува од продажната статистика за првиот месец од 2014 година. Само 207 нови автомобили се продадени во јануари на нашиот пазар. Воопшто не е за утеха кога на оваа бројка ќе се додадат уште 43 лесни доставни возила, со што ќе се добие бројка од вкупно 250 продадени возила. Најголема продажба во јануари има постигнато Volkswagen, со 44 возила, пред Opel со 20 и Peugeot со 9 возила. Потоа следат Audi, Citroen и Ford, сите со по осум јануарски возила. Кај доставните возила е уште поскромно: Fiat (16 возила), VW (11) и Citroen (7).

Дури и Бугарија продава двапати повеќе нови возила по жител

За реална претстава колку ниско е паднат македонскиот пазар на нови автомобили ќе послужи оваа споредба со соседните пазари и со сите други пазари од регионот на Централна и Источна Европа. Не постои друг пазар во целиот регион, каде што соодносот на продадени нови автомобили по глава на жител е понизок од македонскиот. Дури и во Бугарија, која што традиционално е ориентирана кон увозот на користени автомобили, во јануари се продале 1.580 автомобили, односно 2,26 пати повеќе отколку во Македонија. Најдрастична е разликата со словенскиот пазар, со 5.425 автомобили или 27,2 пати повеќе отколку нашиот. Тоа значи дека 27,2 жители на секои 10.000 словенски жители купиле нов автомобил во јануари, наспроти нашите 0,99.

Слабата продажба реално го отсликува нискиот стандард

Големиот заостаток во продажбата на нови автомобили зад сите земји во регионот произлегува како последица од отсуството на регулативни норми во увозот на користени автомобили, како и во непочитувањето на еколошкиот фактор. Во повеќето земји во регионот, од кои дел се и членки на ЕУ, автомобилите со застарени норми на издувни гасови и висока емисија на СО2 се оптоваруваат со високи еколошки такси, што ги прави неатрактивни на пазарот, а со тоа се намалува и нивната цена. Пропуштајќи го овој важен регулативен фактор, Македонија се претвори во собиралиште на автомобили што прекумерно ја загадуваат животната средина и го оневозможуваат нормалниот развој на пазарот. Секако, врз продажбата се рефлектира и лошата економска ситуација во земјата, со продажбата на нови автомобили како еден од показателите на реалните состојби.

Во продолжение погледнете го списокот на земјите во регионот на Источна и Југоисточна Европа, рангирани според соодносот меѓу бројот на продадени возила на 10.000 жители.

Земја Продадени возила во јануари (сооднос на продажба по 10.000 жители)

Словенија 5.425 (27,2)
Чешка 14.562 (13,5)
Русија 152.662 (10,7)
Словачка* 5.553 (10,1)
Грција 6.385 (5,93)
Хрватска 2.080 (4,65)
Унгарија 4.374 (4,4)
Романија 6.065 (2,78)
Србија* 1.875 (2,59)
Црна Гора* 158 (2,43)
Бугарија* 1.580 (2,26)
Босна 537 (1,12)
Македонија 207 (0,99)

* месечен просек; официјалните статистички податоци за јануари 2014 уште не се доспеани

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen T-Roc: Спортски кросовер на местото на Scirocco

Apple ќе соработува со Volvo и Ferrari