за ,

Краток тест • Mazda6 2.2 CD 150 Challenge

Mazda долго време беше отсутна од македонскиот пазар. Од последниот пат кога ја оставивме Mazda паркирана, работите се промениле многу. Меѓу другото, Mazda6 станала благородник.

Кај Mazda6, името пристигнува пред автомобилот. Со генерации, моделот од средната класа беше трн во око за конкурентите, со издржливоста и со возните квалитети. Но, претходникот  626 пропушташе едно – да импресионира со изгледот. Купувачите беа решени за возилото уште пред да влезат во салон. Тоа оставаше простор за конкуренцијата да ги освои купувачите што повеќе се потпираат на емоциите. Првата генерација на Mazda6 го поправи тоа, надградувајќи го името на претходникот со привлечен изглед и солидна техника. Затоа, пак, втората генерација попушти во актуелноста на техниката и изгледаше бледо против засилената конкуренција во класата.

Изглед како на британските благородни лимузини

Новата Mazda6 целосно расчистува со претходникот и воведува револуција во секој поглед. Никогаш досега таа не изгледала повчепатливо и попретставенително. Со меките, но моќни форми во каросеријата и со внимателниот приод во деталите, дизајнот повеќе оди во правец на благородните британски лимузини, отколку на технички строгите линии на германската школа. На повеќе места, дизајнот служи во интерес на функционалноста. Така, на пример,  предните столбови се поместени десет сантиметри поназад, што од една страна остава должината на хаубата да доминира во појавата, а од друга придонесува за подобра прегледност.

Лимузината со 7 cm повеќе растојание меѓу оските од комбито 

Линијата на покривот што е заоблена како кај купе и нежно се спушта наназад дополнително ја издолжува каросеријата, што со 4,87 метри е меѓу најголемите во средната класа. Притоа, лимузината е седум сантиметри подолга од комбито и со осум сантиметри повеќе растојание меѓу оските. Со овој пристап Mazda повеќе ги диференцира двете каросериски изведби: Класичната лимузина е подолга и со повеќе простор на задната оска, како силни аргументи за пазарите каде што се ценат статусот и големината, додека комбито е покусо и пофункционално, како што бараат првенствено купувачите во Западна Европа.

Секако дека при оваа должина не може да се очекува друго освен изобилство од простор за нозе и воопшто просторност во секој правец. Со релаксирачки агол на задната клупа и со долга и доволно висока седечка површина, седењето назад може да биде прв избор при патување.

Однадвор не се препознава дека се работи за дизелски мотор

Најсуштинските промени сепак се под хаубата. Однадвор тешко се разпознава каков тип на мотор работи оздола. Дури и познавачите ќе погрешат дека станува збор за дизелски мотор. Тивката и култивирана работа е една од доблестите на новата генерација на мотори Skyactiv, што во голем дел произлегува од рекордно нискиот степен на компресија за дизелски мотор од 14:1.

Следното што импресионира кај твин-турбо дизелот од 2,2 литри е раното и контуинирано ослободување на моќноста. Место вообичаената жилава реакција при влегување во подрачјето над 3.500 вртежи, четирицилиндарецот на Mazda покажува расположение за уште повисоки вртежи. Накусо, Skyactiv-D во секој поглед се однесува како бензински мотор, единствено што троши дизел – и тоа помалку.

Иновативен систем за повраток на енергијата при сопирање

Според фабрика, моторот во послабата верзија со 150 КС троши во просек 4,1 литри на сто километри. За време на кусиот тест потрошувачката во реални услови на возење се движеше поблиску до шестка пред запирката отколку пред седумка, што покрај динамиката на возење и големината на возилото секако дека претставува прифатлива вредност. Иновација на Mazda е системот i-Eloop, кој енергијата при сопирање и забавување ја акумулира во висококапацитетен кондензатор, кој потоа ги снабдува со струја помошните потрошувачи. Овој систем е стандард во секоја дизелска Mazda6 и доаѓа заедно со старт-стоп.

Петметарската лимузина се фрла по свијоци како бесен компакт

Обемните мери за намалување на тежината на возилото и искуството на Mazda во конструирањето спортски модели се дел од темелите на динамичните својства на лимузината. Особен впечаток остава лесната управливост, од која што се добива чувство како да се вози компакт. Во исто време, подвозјето амортизира комфорно и меко, постигнувајќи одличен компромис со спортските возни својства. Директноста и повратната информација на управувањето, како и прецизното дозирање на сопирачките се следното што остава впечаток и ја поставува Мazda6 високо во полето на конкуренцијата.

Најевтиниот дизел чини 25.980 евра

Иако лимузината е позиционирана да понуди повеќе од вообичаеното ниво на средната класа и повеќе да се приближи до Audi A6 отколку до Audi A4, цените останаа непроменети во споредба со претходникот. Дизелот со 150 КС во основното ниво на опрема Emotion чини 25.980 евра и ги нуди вообичаените ставки за модел од класата. Повисока противвредност како и вообичаено постигнуваат повисоките нивоа на опрема. Во следното ниво Challenge следуваат автоматика за климата, систем за спречување судир при брзини до 30 km/h, темпомат, кожа на волан и на рачка на менувач, централно ракување со основните функции на мултимедијата и на возилото, автоматика на светла и бришачи и магленки – за 29.980 евра, односно 4.000 евра над основното ниво.

Кој сака да плати повеќе за цел пакет опрема – профитира повеќе

Во поглед на опремата и цените, Mazda не отстапува од вообичаената политика на јапонските марки, ставките од опремата да се нудат само во богати пакети. Така, на пример, кој сака радарски темпомат, мора да го избере највисокото ниво Ultimate. Истото важи и за ксенонски светла или паркинг сензори, кои се достапни во третото ниво. Од друга страна, кога конкуренцијата ги нуди овие ставки одделно, нивната цена достигнува половина од вредноста на цел пакет кај Mazda, така што колку овој пристап претставува ограничување за едни купувачите, за други е предност во цената.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Продажбата во Азија му донесе рекорден септември на Mercedes

Тест • Seat Leon 1.6 TDI Style