за

Нирбургринг премина во целосна сопственост на Русинот Каритонин

Историската патека околу замокот Нирбург отсега е во 99-процентна сопственост на рускиот милијардер Каритонин. Меѓу целите на Русинот е враќање на формула 1 на патеката Нирбургринг.

По спектакуларниот банкрот на тркачката патека Нирбургринг пред пет години и политичкиот земјотрес во владата на регионот Рајнланд-Пфалц кој следуваше потоа, Виктор Владимирович Каритонин во октомври 2014 година презеде сопственост над две третини од акциите. Русинот роден некаде во непрегледното простанство на Сибир, милијардер опседнат со олдтајмери и со моментно живеалиште во Сен Тропе и во Лондон, отсега е стопроцентен сопственик на легендарната тркачка патека во подножјето на замокот Нирбург.

Руските олигарси обично вложуваат астрономски суми во фудбалски клубови и во баснословно скапи јахти. Најдобар пример за тоа е Роман Абрамович, кој потроши 210 милиони евра за купување на англискиот Челзи, за потоа да инвестира уште 764 милиони за трансфери и плати за играчите. Во исто време, со купувањето на суперкрстосувачот „Еклипс“ (должина 163 метри, проценета вредност 850 милиони евра), тој се докажа дека неговата јахта е подолга од онаа на колегата Алишер Усманов, крстена „Дилбар“ и со должина од 156 метри, како и од „Океанската победа“ на Виктор Рашникот, којашто е долга само 140 метри.

Нирбургринг премина во целосна сопственост на Русинот Каритонин

Наспроти нив, Виктор Владимирович Каритонин, кој своето богатство го стекна со производство на фармацевтски продукти, речиси е пример за скромност. На крајот на минатата година, тој во повеќе наврати издвои вкупно четири милијарди рубли или околу 77 милиони евра, за преземање на сопственоста над „Зелениот пекол“, како што патеката отворена во 1927 година ја нарече некогашниот шампион во формула 1, Џеки Стјуарт. Тоа е одлична зделка, покрај реалната вредност на тркачката патека и инфраструктурата од преку една милијарда евра. Како што пишува магазинот „Форбс Русија“, Каритонин со својот НР Холдинг сега поседува 99 проценти од Нирбиргринг, додека со преостанатиот еден процент располага групата за мотоспорт Get Speed Performance Center Nürburgring.

Среќна околност е што новиот сопственик е голем автомобилски ентузијаст

Добавувачот Caprirorn, заедно со Get Speed, претходно се обидоа да стекнат сопственост над патеката, но тоа се покажа како преголем залак за нив. Партнерите заеднички понудија 77 милиони евра, со обврска прво да платат 15 милиони сопствен капитал во три рати од по пет милиони евра до крајот на 2014 година. „Дојчен Банк“ требаше да учествува со 45 милиони евра. Но, плаќањето на Capricorn затаи уште со втората рата. Во октомври 2014 година се вклучи холдингот на Каритонин и презеде две третини од банкротираниот Нирбургринг, додека Get Speed задржа една третина. Сé досега. Барем е среќа тоа што со тркачката патека отсега ќе располага човек кој има бензин во крвта.

Нирбургринг премина во целосна сопственост на Русинот Каритонин

Се шпекулира дека Русинот поседува меѓу 80 и 100 автомобили, од кои најголемиот дел се бесценети олдтајмери. Пред две години, Каритонин, кој инаку избегнува преголемо експонирање во јавноста, учествуваше на Миле Миља во Италија, со својот Mercedes 500 K од 1935 година. Тој лично го извозе вредниот олдтајмер од Бреша до Рим и назад, со германски регистерски ознаки. Покрај олдтајмерите, слабост на Каритонин се и трките во формула 1.

Во интервју за „Форбс Русија“, тој ветува дека Нирбургринг под негово владеење и натаму ќе стои на располагање за сите можни трки, тест возења на автомобилски производители и за туристички посети во деновите кога не се вози на патеката. Негова желба е да ја врати формула 1 на историската патека. „Во преговори сме со Еклстоун, за повторно да влеземе во календарот на формула 1. Но, досега не најдовме заедничка страна во финансиите.“ Оваа пречка може лесно да биде надмината. Во тоа ќе му помогне неговиот колега-олигарх Абрамович. Според германските медиуми, Абрамович го придружувал својот пријател при посета на Нирбургринг, а се шпекулира и дека мултимилијардерот има учество во холдингот на Каритонин. Трка во формула 1 последен пат се возеше на Нирбургринг во јули 2013 година.

[FAG id=24403]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Peugeot ќе го претстави новиот кросовер на 23-ти мај

Вака се краде автомобил за 50 секунди во Израел