за ,

Лажни декларации на автомобилски гуми: ЕУ врши нови тестирања

Тестовите покажаа дека автомобилските пневматици не секогаш ги поседуваат декларираните својства на етикетата. Тоа важи и при сопирањето. Моментно се врши масовна проверка во серија тестирања низ цела Европа.

Производителите на автомобилски пневматици имаа добар план да се заштитат од евтината конкуренција од Азија, кога во 2012 година донесоа одлука на пневматиците да се лепи етикета којашто го декларира нивниот квалитет и ја покажува разликата во однос на конкуренцијата од Истокот. Оттогаш сите пневматици на европскиот пазар задолжително ги поседуваат шарените етикети.

Овие етикети сепак им значат малку на купувачите, исто како и декларациите за енергетската ефикасност кај автомобилите. Во меѓувреме, азиските производители на пневматици брзо ја научија лекцијата и веќе располагаат со квалитетни гумени мешавини со коишто се во состојба да излезат во пресрет на актуелните предизвици за автомобилските пневматици.

Повеќе организации за контрола на пазарот ги проверуваат гумите

Но, гумарската индустрија сега се најде во неволја. Европскиот форум за безбедност на производите ProSafe започна проект кој што има за цел да провери дали декларираните својства од производителите навистина одговараат на реалноста. Многубројни организации за контрола на пазарот учествуваат во проектот што официјално се води како „Market Surveillance Action on Tyres“.

Акцијата е поттикната по сомневањата на надлежните институции на ЕУ дека самостојната контрола на квалитетот од страна на производителите на пневматици не функционира според замислата и на етикетите се прикажуваат лажни својства. Според непотврдени информации, организацијата ProSafe ќе изврши 150 тестирања на 15.000 пневматици и детално ќе ја разгледа документацијата за истите. Тестирањата ќе се одвиваат во времетраење од 24 месеци, со учество на институции од Германија, Шпанија, Шведска, Финска, Белгија и Полска, па дури и од Турција.

Производителите мамеа и кај зимските пневматици „дотерани“ за тестирањата

Производителите на пневматици веќе се наоѓаат во друг скандал, откако беа откриени манипулациите кај зимските пневматици. Токму тоа ја поттикна недовербата од страна на ЕУ, за по три и пол години по воведувањето на декларацијата, надлежните институции да почнат да проверуваат дали својства на пневматиците кои ги декларираат производителите се исполнуваат во реалноста. Досега на индустријата ѝ беше препуштено сама да си ги „фали“ своите производи. Навистина наивно.

На тестовите од страна на независни институции повеќепати се случувало најдобрите и најлошите модели на пневматици во иста серија тестови да бидат декларирани исто на етикетата, со иста категорија. Тоа ги доведува купувачите во заблуда при „слепа“ споредба на два сосема различни пневматици во поглед на својствата. На етикетата лажно се декларираат дури и својства што се пресудни за безбедноста на пневматиците, како патот на сопирање на влажна подлога.

Купувачите сепак нема да изгубат ништо. Колку што биле веродостојни декларациите, толку и купувачите верувале во тоа што стои во истите.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen Phaeton не исчезна, само се претвори во T-Prime

Првиот автомобил на Maserati се појави пред 90 години