Германскиот скутер со електричен погон и преносни батерии што се полнат дома или в канцеларија се покажа како одличен погодок на фирмата што стартуваше пред само една година.
Електричниот погон се докажа во поглед на исплатливоста, функционалноста и секако во заштитата на животната средина, но еден проблем останува и натаму – достапноста на полначи. Германско старт-ап претпријатие пред нешто повеќе од една година дојде на идеја како да го реши овој проблем. Скутерот со електричен погон Unu се разликува од останатите по тоа што неговата батерија е отстранлива и лесно може да се пренесе до секое место кадешто има обичен приклучок за струја. Со тежината од 9 килограми, литиум-јонската батерија е релативно лесна, при што мала помош за носење доаѓа и од ременот за носење на рамо. Полнењето на батеријата трае 5 до 6 часови, односно 1,5 до два часа до 80-процентна наполнетост.
Со едно полнење може да се извозат до 50 километри, или двојно повеќе, ако соодветно се доплати за втора батерија. Брзината е ограничена на 45 километри на час, независно дали се работи за верзија на Unu со електромотор со моќност од 1, 2 или три киловати. Секако дека посилните варијанти имаат способност за совладување поголема нагорнина и подобро забрзуваат, но и најслабата верзија е сосема доволна, со совладување нагорнина до 17 проценти. Погонскиот систем располага и со повраток на енергијата при сопирање, што значи дека секое повлекување на сопирачката истовремено ја полни батеријата. Германскиот скутер тежи 67 килограми со батеријата, односно е двојно полесен од класична „веспа“, па и носивоста е сосема пристојна, со 150 килограми.
Unu поседува и впечатлив дизајн, по што се разликува од вообичаените азиски производи, гаранцијата важи 2 години, одржувањето на техниката е предвидено на секои шест месеци, а специјализиран сервис е мрежата на Bosch.
Цената е тоа што изненадува најпријатно. Основниот модел со електромотор од 1 киловат чини 1.699 евра и се испорачува бесплатно до дома, во пакет заедно со батерија и полнач, па дури и со осигурување и регистрација. Испораката обично следува за седум до осум недели. Освен во Германија, unu засега е достапен и во Швајцарија и Австрија, а во план се и нови пазари.