за , ,

Овие автомобили се шампиони во загадување на животната средина

СО2 аерозагадување

Yugo или BMW, кој загадува повеќе? Според државните институции што би требало да се запознаени, тука нема дилема, BMW е чист како солза. Но, се чини дека упатеноста не им е посилна страна на одговорните.

Во последно време се чини дека навистина не постои компетентност во државава, во поглед на одредувањето и посочувањето на изворот на отровната загаденост на воздухот, а логично, и во начинот на надминување на овој ескалирачки проблем. На говорници на највисоко ниво се изнесуваат бесмислици: „Во Македонија се вози Renault стар пет-шест години, Mercedes стар седум години, Alfa Romeo, BMW, Opel“, „на граѓаните им се овозможи да ги заменат своите стари ‘југовци’, со нови автомобили“, „Што е подобро? Еуро 3 или Еуро 0, како кај ‘југовците’ на времето…“

Официјалните статистики сведочат дека 80 проценти од возниот парк го сочинуваат автомобили постари од десет години, а тоа не исклучува дека повеќето од нив се постари и од дваесет години. Значи, сепак, не е вистина дека во Македонија се возат автомобили стари по пет-шест години. Меѓу другото, уличната слика повторно уверува во тоа. Понатаму, потрошувачката на дизел гориво во Македонија е зголемена за 75% само во последните десет години, додека бројот на возила со дизел мотор по македонските улици е зголемен двојно за пет години. Дека возниот парк старее рапидно, покажува и оваа споредба: Во 2008 година, 67,2% од вкупниот број на патнички автомобили во Македонија биле постари од 10 години, додека во 2014 година, оваа бројка пораснала на 77,9 проценти. Со тенденција на уште побрзо стареење, во отсуство на можност за обнова на возниот парк.

Но, кој навистина загадува повеќе, Yugo 45A со карбураторски мотор од 1980-те или „џип“ од две илјади и некоја, со дизел со зафатнина од три литри и моќност од 200 КС? Најлошата верзија на Yugo, ако се земе во предвид дека подоцна беа воведени и верзии со индиректно впрскување на горивото и многу почиста емисија, испуштал 172 грами СО2 на километар. Jeep Grand Cherokee 3.1 TD со уште позвучен додаток „60th Anniversary“ од 2001 година, кога бил нов испуштал 308 грами СО2 на километар и ја исполнувал нормата Euro 3. Со тристотини илјади километри на бројчаникот, овие вредности малку се „изместуваат“. Во моментов, инаку, на важност е нормата Euro 6.

Според тоа, апсолутен нон-сенс е констатацијата дека Yugo бил повеќе валкан од Jeep. Исто како што пропаѓа во вода тврдењето дека возилата ни се стари по пет-шест години, или дека народот од што нема пари за нов и нормален автомобил од достапна марка, купува дваесет години стар Mercedes, BMW, или неизоставниот во службените објави, Alfa Romeo.

Автомобилите што сé уште се дозволуваат да возат по македонските улици, не се ништо друго освен шампиони во загадување на животната средина. Hummer H2 можеби е лудост да се регистрира во некоја од земјите во ЕУ, затоа што сопственикот при регистрацијата би требало да плати колку за мал автомобил, поради енормната вредност на СО2 во издувот, но затоа е сосема „кул“ да се донесе примерок на македонските улици. Можете да претпоставите колкава е вредноста на неговата емисија на СО2? Со шестлитарски бензински мотор со осум цилиндри, 329 КС и градска потрошувачка од 26,8 литри? Фабриката пријавила вредност од 512 грами СО2 на секој километар што ќе го извози овој валкан џин. Реалната вредност е далеку повисока.

Рекордот моментно го држи Aston Martin One-77 со 572 грами СО2 на километар. Среќа е што неговата вредност расте со текот на годините, а и го нема во толкави количини да се намножи како „мерцедесите стари по пет-шест години“. Колкава е тогаш вредноста на емисијата на штетни материи на нормалните автомобили од актуелните годишта. Suzuki Celerio, на пример, стартува од 8.360 евра и во еко-верзијата испушта само 84 грами СО2 на километар. Или некој хибрид, Volkswagen Golf GTE, на пример? Германскиот компакт со системска моќност од 204 КС, испушта 35 грами СО2, при што може да извози триесетина километри само со енергијата во батериите. Електричните автомобили, секако, не испуштаат ниту грам СО2. Освен ако за производство на струјата не се користи јаглен.

Во галеријата можете да ги погледнете вредностите на емисијата на СО2 на неколку модели што ги избравме поради екстремните вредности, а за ситуацијата со токсичната загаденост на воздухот во македонските градови да ја прикажеме поверно, наведовме и неколку модели што се сосема вообичаени во нашата улична слика, кои исто така не се скромни со испуштањето на штетниот гас.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Макпетрол отвора четврта станица за полнење метан во возилата

Lada со нови ветришта во логото на марката