за ,

Во Скопје промовирана новата генерација на луксузниот теренец Volvo XC90

Во средина што се поврзува со традиција, префинетост и искуство, Ми-Да ја одржа македонската премиера на XC90, луксузниот теренец чијашто прва серија се распродаде за само 48 часови.

Во амбиентот на скопската винарија Шато Камник, увозникот Ми-Да Моторс ја одржа македонската промоција на последниот модел во понудата на Volvo, теренецот од највисоката класа XC90. Со престижниот модел стартува обновувањето на целата моделска гама на шведската марка, со единаесет нови модели до 2019 година, што значи дека актуелниот XC90 дотогаш ќе биде најстар во моделската понуда на Volvo.

Со конкурентот на BMW X5, Audi Q7, Range Rover и Jeep Grand Cherokee почнува новото сметање на времето во Volvo. Почнува смело. Во конкуренција каде што се вообичаени мотори со најмалку шест, а многу често и со осум цилиндри, Швеѓаните настапуваат со смел технички концепт. XC90 е прв модел што се базира врз приспособливата платформа SCA, којашто во иднина ќе ја користат сите модели во понудата на Volvo, од компактните модели од серијата 40, до идната репрезентативна лимузина S90. „Платформата“ подразбира користење исклучиво на четирицилиндарски мотори, со заеднички блок за бензинските и дизелските изведби. Таму каде што новите мотори од генерацијата E-Drive нема да бидат доволно моќни или доволно престижни за намената, ќе се повикува помош од електромотори. Генијална замисла, што Швеѓаните веќе ја спроведуваат.

Сите понудени модели располагаат со 8-степен автоматски менувач и погон на сите тркала

Понудата од погонски единици во почетокот ја сочинуваат еден дизел, еден бензинец и еден хибрид. Верзијата со дволитарски бензински мотор со турбонатполнење и ознака T6 AWD располага со моќност од 320 КС и вртежен момент од 400 њутнметри, со цена од точно 90.000 евра за основната изведба Kinetic и 105.360 евра за врвната изведба R-Design. Дизелскиот модел D5 AWD располага со 225 КС и вртежен момент од 470 њутнметри, со цена од 81.900 евра во изведбата Kinetic. Сите моделски изведби се достапни и во верзија со седум седишта, со доплата од 2.000 евра. Кон крајот на годината пристигаат Volvo XC90 D4 со 190 КС и бензинскиот XC90 T5 AWD.

Господин Серафим Николов, генерален менаџер на Ми-Да Моторс, го претстави новиот Volvo XC90
Господин Серафим Николов, генерален менаџер на Ми-Да Моторс, го претстави новиот Volvo XC90

Топ-моделот во гамата е T8 Twin Engine, со хибриден погон, составен од бензинецот со 320 КС од моделот T8, задолжен за предната оска, и електромотор со 80 КС задолжен за задната оска. Обете погонски единици работат независно, што значид дека „Twin Engine“ располага со импресивна системска моќност од точно 400 КС. Резултатот од оваа комбинација е просечна потрошувачка од 2,7 литри гориво на сто километри, според нормата за хибридни возила, вклучувајќи 40 километри возење само со енергијата во батериите. Соодветно на врвното позиционирање во гамата, хибридниот XC90 стартува со цена од 119.382 евра во нивото Momentum, односно 125.300 евра во топ-нивото R-Design. Седумте седишта секогаш се стандард кај хибридниот модел, исто како што автоматските менувачи со 8 степени и погонот на сите тркала се стандард во целата гама на теренецот.

Во дизајнот на кабината преовладуваат кожа, алуминиум и дрво, со „дијамантска“ обработка на сите прекинувачи и копчиња за ракување. Во врвните изведби, украсните делови во арматурната табла, во средишната конзола и во горната половина на вратите се изработени од природно дрво со отворени пори, додека целата арматурната табла е покриена со кожа. За крај, околу инструментите и отворите за проветрување се поставени прстени од алуминиум. Зад воланот на XC90 буквално се стекнува впечаток како да се седи во „бања од луксуз“. Секако, свој печат остава и препознатливиот и неповторлив скандинавски пристап во конципирањето и дизајнирањето, во случајов, модерно, но и по малку дистанцирано.

Само осум прекинувачи во средишната конзола: Ракување преку огромен таблет

Ракувањето е ослободено од секаков вишок прекинувачи и команди. На средишната конзола е останата лента со само осум прекинувачи. Сите други команди и функции се достапни преку вертикално поставениот дисплеј од 12,3 инчи, на кого особено ќе му се радуваат пасионираните корисници на паметни телефони. Податоците од возењето се прикажуваат на малиот дисплеј меѓу виртуелните тркалезни инструменти или на проекцискиот дисплеј директно во видното поле на возачот.

Volvo не би бил Volvo, ако во возилото нема цела низа од системи што користат за безбедноста. Прво, XC90 ги заштитува своите патници со исклучително цврста кабина. При превртување, ремените го стегаат телото на патниците во оптимална позиција, а при повторен удар, специјалните елементи во седиштата го амортизираат ударот, слично како кај пилотските катапулт седишта што спречуваат повреда на ‘рбетниот столб при исфрлувањето. Нов систем спречува возачот при свртување влево да налета на возило отспротива, при погрешна процена или превидување. Секако дека во арсеналот од безбедносна опрема спаѓа и самостојно сопирање при опасност од удар во пешак или друго возило, или систем за предупредување при напуштање на лентата. На тоа се надоврзуваат уште цела низа опции, од предупредување од наидување возило при излегување од паркинг наназад или камера со приказ од 360-степени.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

15 Extreme Rooftoppers That Prove People Are Damn Awesome

Од Fiesta до Range Rover: Ова се најпродаваните модели во сите класи