за

Првиот теренски автомобил на Bentley: Каде е спектаклот?

Bentley го најавува Bentayga како најбрз, најмоќен, најлуксузен и најексклузивен теренец во светот. Недостига единствено изненадување. Нема нова технологија, постоечката само е собрана на едно место.

Од првиот теренец во историјата на Bentley се очекуваше многу. Bentayga конечно пристига во следната недела, со премиерно појавување пред публиката на салонот во Франкфурт, и точно, пристига како најбрз, најмоќен, најлуксузен и најексклузивен теренец во светот, поставувајќи нови стандарди над Range Rover, којшто досега важеше како врв во целиот овој сегмент. Но, што навистина носи ново и спектакуларно Bentayga да ги оправда огромните очекувања?

Возачот добива на располагање осум различни модуси на работа на подвозјето, за избирање зависно од подлогата. Range Rover има пет. Разлика постои во напонот што Bentley го користи за напојување на електричните сервомотори во активното подвозје – 48 волти, наспроти стандардните 12 волти. Повисокиот напон овозможува побрза реакција на системот и примена на помоќни сервомотори, што е важно покрај тежината на оваа карпа од автомобил од 2.422 килограми, односно 3.250 килограми при дозволениот максимум. Тоа може да се прифати како напредок, но не и како база на ултимативниот статус кон кого што тежнее Bentayga.

Bentayga не нуди ништо поразлично од другите, само нуди повеќе од нив

Можеби во системите за асистенција има нешто ново и спектакуларно? Приспособлив темпомат со способност за самостојно забрзување и запирање при возење во колона и користење на информациите од навигацијата и од камерите, читање сообраќајни знаци, предупредување дека наидува возило кога се излегува од паркинг во рикверц, панорамски приказ на возилото како помош при паркирање и самостојно паркирање, инфрацрвен систем за ноќно гледање, проекциски дисплеј … ништо ново што и досега не е понудено во браншата. На патниците на задната клупа им се нуди таблет од 10,2 инчи на Android, со 4G, WiFi и блутут, а дополнително може да се избира меѓу три различни системи на озвучување, со врвниот систем потпишан од специјалистот Naim, со 1.950 вати и 18 звучници. Повторно ништо ново, само повеќе од другите.

Базиран врз платформата на Audi Q7 и со примена на алуминиум во каросериската структура, теренецот на Bentley е полесен за 236 килограми наспроти традиционална конструкција со челична ламарина. Сончевиот покрив со површина од 1,35 метар квадратен е стандард, со можност за отворање и подигнување на предната половина. Тоа што во секој случај го прави Bentley посебен е ентериерот, во поглед на изборот на материјали и самата изработка, со 15 парчиња фурнир добиени од 7 различни сорти на дрва, 15 различни бои на кожа за ентериерот, вклучувајќи и двобојни комбинации избрани со беспрекорен стил.

Bentayga во почетокот ќе биде достапен единствено со новиот 12-цилиндарски W12 TSI, со работна зафатнина од шест литри, битурбо натполнење и комбинација од индиректно и директно впрскување. Моќноста на оваа погонска единица изнесува 608 КС при 6.000 вртежи, додека вртежниот момент од 900 њутнметри се испорачува од 1.250 до 4.500 вртежи. Спринтот до сто трае 4,1 секунди, крајната брзина е 301 километри на час. Со тоа Bentayga е прв сериски теренец што ја пречекорува волшебната граница 300. При ниско и умерено оптоварување, моторот се префрлува на штедлива работа со само шест цилиндри. Моторот е комбиниран со осумстепен автоматик, којшто заедно со погонот на сите тркала се оптимирани дополнително за услови на возење по терен. Наскоро теренецот ќе се понуди и во верзија со дизел V8 и како хибрид.

Најбрзиот, најмоќен, најлуксузен и најексклузивен теренец во светот, на крајот излегува дека е всушност автомобил што ја користи германската технологија на концернот Volkswagen и ја комбинира со благородничката нишка на британската марка. Најпросто, Bentley Bentayga нуди само повеќе од другите и не располага со нешто што е недостапно за другите. Тоа сепак нема да ги спречи солвентните купувачи да се снабдат со примерок од теренецот на Bentley како прв следен чекор во животот.

Технички податоци · Bentley Bentayga

Мотор 6 литри, битурбо, моќност 608 КС при 5.250-6.000/min, вртежен момент 900 Nm при 1.250-4.500/min Погон и пренос ZF осумстепен автоматски менувач, постојан погон на сите тркала, торсен среден диференцијал, отворен заден диференцијал, распределба на вртежен момент 40:60 Сопирачки, бандажи и гуми Напред 400 mm, назад 380 mm, бандажи стандардно 20 инчи, гуми Pirelli 275/50R20 Управување Електронски регулирано сервоуправување, 2,3 вртежи, 12,4 метри круг на вртење Водење на тркалата Напред две триаголни водилки, назад мултилинк, опционално 48-волтен активен стабилизатор напред и назад, самонивелирачка пневматска суспензија, приспособлива амортизација Димензии Должина 5141 mm, ширина 1998 mm, висина 1742 mm, меѓуоскино растојание 2992 mm, резервоар 85 литри, багажник 430/590 литри, празно возило 2422 kg, дозволена тежина 3250 kg Перформанси Крајна брзина 301 km/h, забрзување 0-100 km/h за 4,1 s Потрошувачка на гориво (град/пат/просек) 19,2/9,1/12,8 L/100 km Цена преку 200.000 евра

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најбезбедниот Audi на сите времиња: Блиндиран A8 L Security

Штандовите на салонот во Франкфурт чинат меѓу 20 и 80 милиони евра