за

Фејслифт на компактот на Mercedes: Голф-класата сега се вика А-класа

Три години по премиерата, Mercedes се освежува за продолжението на борбата на компактите со фејслифтот на класата A. Следуваат неколку нови технологии, и на барање на купувачите, копче за дотерување на амортизацијата.

CLA Shooting Brake ја додава палавоста на компакт класата во оригиналниот дизајнерски концепт на големиот брат CLS Shooting Brake
Тест на Automedia: CLA Shooting Brake ја додава палавоста на компакт класата во оригиналниот дизајнерски концепт на големиот брат CLS Shooting Brake

Само прашање на време беше кога Mercedes ќе ја претстави моделската верзија во чест на тркачките победи на марката. На тимот во формула 1 во минатата година конечно му успеа да го преброди сушниот период и да ги освои шампионатите во конкуренција на возачи и на конструктори. Марката со ѕвездата има долгогодишна традиција да ги прославува успесите на тркачките патеки, што сега го прави со изведбата на класата А во стил на сребрените стрели. Големиот заден спојлер и каросеријата лакирана во боите на службените возила на Нико Розберг и Луис Хамилтон укажуваат јасно дека тука станува збор за модел што се издвојува од стандардната понуда во класата А. На тоа се надоврзуваат и детали во пастелно зелена боја во страничните ретровизори и во предниот спојлер, но и во штеповите на спортските седишта.

Отсега можност за доплата за приспособливо подвозје и во класата А

Освен на одбележувањето на триумфот во формула 1, инженерите на Mercedes работеа и на важни детали во возилото. Маркетиншките стратези на марката ја коригираа погрешната процена. Кога новата класа А се појави на пазарот во 2012 година, амортизери со приспособлива карактеристика не се нудеа ниту како доплата. Тоа набрзо се покажа како погрешна процена. Купувачите бараа варијабилно подвозје, исто какво што е нуди кај конкурентската серија 1 на BMW или во Volkswagen Golf. Сопствениците на класата А отсега ќе можат да го дотеруваат подвозјето според расположението. Покрај тврдоста на амортизацијата, се влијае и на работата на педалот за гас, на управувањето, на менувачот и на клима уредот, зависно дали е избрана комфорна, спортска, штедлива или индивидуална програма.

A 250 Motorsport Edition

Предниот дел на преработената класа А сега завршува поостро, односно „стрелкасто“ како што тоа милуваат да го нарекуваат во маркетиншкото одделение на марката од Унтертиркхајм, повикувајќи се на „сребрените стрели“ во мотоспортот. Наострениот и малку подолг нос не се препознава на прв поглед, но затоа подобро се забележуваат диодните светла, коишто сега се достапни како опција и во гамата на компактниот модел на Mercedes. Овие светла што произведуваат светлина слична на дневната се стандард единствено во екстремната спортска верзија A45 AMG. Впечатлива е предната „дијамантска“ маска со попречна лајсна, додека во задните светла се забележува нов графички распоред со поспортски изглед.

Поголем средишен дисплеј со поубедлив впечаток за квалитет

Промените не го одминаа ниту ентериерот. Најголемата промена е во средишниот монитор од 20 сантиметри, без рамка, којшто е останат на истото место, но сега треба да посредува чувство на повисок квалитет во споредба со претходната варијанта. Работено е и на поврзувањето со преносни уреди, па соодветно на тоа и интеграцијата со iPhone и MirrorLink сега успева поедноставно и пообемно.

Во кокпитот е сменет средишниот дисплеј и збогатени се можностите за поврзување на преносни уреди
Во кокпитот е сменет средишниот дисплеј и збогатени се можностите за поврзување на преносни уреди

Освежената класа А може да се очекува во продажните салони во почетокот на септември. Кога таа ќе пристигне, купувачите ќе треба да се навикнат и на новиот начин на означување на моделите. Соодветно на промената во номенклатурата на ниво на моделски гами – од класа ML во GLE, од GLK во GLC и сл. – сега и моделите со дизел мотор добиваат нова ознака. Тие во иднина повеќе нема да ја носат ознаката CDI, туку исто како и повеќето останати модели ќе добијат само „d“ во ознаката. Наспроти тоа, бензинците немаат никаква буква. Заедно со промените во означувањето следуваат и неколку новитети во понудата на мотори, вклучувајќи и третман на јакнење на некои од постоечките мотори.

А 160 е новиот основен модел во понудата на компактниот Mercedes

Изборот се состои од седум бензинци и пет дизели, во распон од 90 до 218 КС. Основен модел сега е A 160 со верзија на 1,6-литарскиот мотор со 102 КС. Моделот А 250 Sport отсега ќе вози со 218 место со 211 КС, а кај дизелите има дополнителни седум КС за A 220 d, на 177 КС. Конкуренцијата од Минхен и од Илголштат и натаму нуди малку повеќе во топ-дизелите, со 190, односно 184 КС. Затоа, пак, „сребрениот“ компакт е во огромна предност кај најсилната верзија во класата А, во AMG A 45 4Matic, која што со плус од 21 КС сега достигнува крајна моќност од 381 КС и 475 њутнметри, односно повеќе од кој било друг четирицилиндарски мотор и повеќе од кој било друг компакт. Екстремната класа А исто така добива адаптивно подвозје, со таа разлика што штедливата програма е заменета со „спорт +“. Заедно со дополнителните коњски сили под хаубата, AMG добива и нов диференцијал на предната оска со механичка блокада, којшто помага при забрзување на излез од свијок, а заедно со него следува и седумстепен менувач со двојна спојка со покуси преносни односи.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ford со комплетен арсенал на „Фестивалот на брзината“ во Гудвуд

Lotus 3-Eleven: Екстремна тркачка машина за 135.000 евра