за

Луксузниот теренец Audi Q8 пристига во 2019 година

Во следните четири години Audi ќе го развива и подготвува за производство најлуксузниот модел во својата понуда на теренци, позициониран дури и над актуелниот Q7. Од Инголштат се најавуваат уште многу други новитети.

Луксузен теренец под моделската ознака Q8 за 2019 година, модел со спортски имиџ и погон на струја со големина и форма слична на конкурентскиот X6 за 2018 година и основен модел во понудата на теренци, со ознака Q1 и најава за старт на продажбата веќе за в година. Тоа се плановите што денес ги потврдија шефовите на марката од Инголштат. Овие три модели ќе претставуваат солиден темел за плановите за зголемување на продажбата во пазарниот сегмент што бележи најголем пораст.

audi luksuzen terenec 2019

Со планирани 60 модели во гамата до 2020 година, наспроти сегашните 52 модели, Audi очекува да го презеде првото место во глобалната продажба во премиум сегментот од BMW. За таа цел се инвестираат 24 милијарди евра во развој на нови модели и проширување на производствената мрежа. Од идниот Q8 и уште неименуваниот модел од вишата класа со погон исклучиво на струја – веројатно Q6 – најголем успех се очекува на пазарите во САД и Кина. Audi е воедно под постојан притисок од актуелниот број 3 во сегментот, Mercedes, којшто во последните години зема се посилен залет и исто така планира да го презеде лидерството во премиум сегментот.

Електрична верзија на идниот Q5 како конкурент на Tesla Model X

Теренецот со погон на струја ќе има досег до 500 километри и главен конкурент ќе му биде кросоверот Tesla Model X. Според најавите од марката, моделот ќе се базира на платформа од идната генерација на Audi Q5 и ќе ја носи дополнителната ознака e-tron. Идниот знаменосец во теренската понуда, луксузниот Q8, техниката ќе ја позајми од сегашниот Q7 и ќе има купеовска форма на каросеријата, за нагласување на спортскиот имиџ на марката.

Во април, Audi постигна подобра глобална продажба од BMW, но на марката уште ѝ претстои период на дополнување на понудата со конкуренти на BMW X4 и X6. Марката со сребрената ѕвезда веќе реагираше со GLE Coupe, а веќе се најавува и купе-теренец на база на GLC. Во исто време претстои сериозен удар од новите играчи во сегментот. Bentley до крајот на годинава ќе стартува со нарачки за суперлуксузниот Bentayga, една класа подолу следува Maserati Levante, додека во средната класа претстои пристигањето на Jaguar F-Pace, базиран на новиот XE и најавен за в година.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Половина век на револуционерниот Renault 16

Михаел Шумахер заздравува – потврди менаџерката