за

Ford Mustang предизвика интернет стампедо: Половина милион конфигурации

Ова стампедо вриело половина век. Заинтересирани купувачи ги опседнаа вебстраниците на Ford за виртуелно да дизајнираат и опремат 500.000 модели од Mustang, за еден месец откако култниот „Американец“ стана достапен во Европа, првпат во 50-годишната историја на моделот.

Во првата недела, на интернет биле конфигурирани повеќе модели на Mustang од кој било друг модел на Ford. Сите конфигуратори на Mustang на привлекле преку 1,1 милион посети од средината на јануари до средината на февруари. Според податоците од серверите, дури половина од конфигурациите се направени со „традиционалната“ верзија со петлитарски мотор V8 со 418 КС, додека половина се решиле за порационалната европска изведба со 2,3-литарски EcoBoost со 314 турбо коњски сили. Изборот на менувач исто така е „европски“ – дури две третини избрале модел со мануелен менувач.

Секој петти потенцијален купувач ја избира црвената боја на конфигураторите на Ford
Секој петти потенцијален купувач ја избира црвената боја на конфигураторите на Ford

Од петте најголеми пазари во Европа – Франција, Германија, Италија, Шпанија и Велика Британија, за четирицилиндарскиот Mustang има најголем интерес во Италија (61%) и Шпанија (59%), додека Германците повеќе се решаваат по „автобанот“ да го возат V8 (60%), со мала предност пред традиционално тркачки расположените Британци (54%). Од боите најчесто се избираат црвената и црната боја, со по 20 проценти. За споредба, црната е број 1 на домашниот пазар во САД, додека една третина од петте милиони „конфигурирачи“  на Mustang во Кина ја избрале црвената боја.

Статистичарите на Ford ги наведуваат следниве податоци околу „националниот“ избор на бои:

  • Франција – тркачки црвена (24%) и црна (19%)
  • Германија – црна (21%) и тркачки црвена (18%)
  • Италија – црна (27%) и тркачки црвена/темносина (13%)
  • Шпанија – црна (27%) и тркачки црвена (19%)
  • Велика Британија –  тркачки црвена (22%) и темносина (17%)

Интересната статистика продолжува со кожен ентериер во боја на слонова коска (61% од Европејците), како и со стапката од 28 проценти на избор на „кастом пакетот“, којшто содржи озвучување “Shaker Pro” со навигација, вентилирани седишта, паркинг сензори назад, пониклувани алу-бандажи од 19 инчи и аларм.

Првите примероци во Европа кон средината од годинава

Mustang стандардно доаѓа на европскиот пазар со бандажи од 19 инчи, спортски сопирачки, ксенонски светла, диодни задни светла и заден дифузор, како и со двозонска автоматска клима, озвучување со девет звучници и систем за говорна команда Sunc 2 со дисплеј од 8 инчи. Култниот модел е достапен само во новите дилерства FordStore, коишто првенствено се отвораат во европските метрополи. На глобално ниво, Mustang е достапен на преку 100 пазари. Првиот извоз оди за Азија, а во средината на годинава се очекува возилата, за првпат во 50-годишната историја на моделот, официјално да бидат понудени и во Европа.

Првите 500 примероци од Ford Mustang за европскиот пазар беа достапни за нарачка за време на финалето во Лигата на шампиони во минатата година. Преку 9.300 заинтересирани купувачи се регистрираа на интернет за шанса да резервираат примерок од Mustang. Контингентот од 500 примероци „се потроши“ за само 30 секунди!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тест на 35 модели на летни гуми од клубот АДАК (Четврти дел: Димензија 205/55R16)

YouTube отсега подржува видеа во 360 степени