за

Renault Kadjar: Големиот брат на Captur

Tiguan, RAV4 и Kuga добиваат силен конкурент. Renault напаѓа во сегментот на компактните теренци со Kadjar. Новиот модел на Французите ја користи техниката од Nissan Qashqai.

Имињата на моделите на Renault секогаш носат приказна во себе. Kadjar е измислено име, коешто произлегува од три различни зборови. „Kad“ е инспирирано од квадрициклите за сите терени, коишто кусо ги нарекуваме квадови, додека „jar“ ги содржи француските зборови „agile“ (агилност) и „jaillir“ (подвижност). Новиот теренец на Renault ќе доживее светска премиера на салонот во Женева во почетокот на март и ќе се појави во продажните салони веќе во текот на летото.

renault kadjar 45728629478690Бидејќи Renault планира да го продава Kadjar глобално, во создавањето на изгледот учествуваа сите дизајнерски студија, секако, под раководство на главниот дизајнер Лоренс ван ден Акер. Од тоа произлезе компактен теренец со должина од 4,45 и ширина од 1,84 метар, којшто во основните контури личи како надуван Captur, но токму тоа му дава и препознатливост во масата од еднолични модели во сегментот.

Kadjar повеќе се ориентира кон спортските возачи

Како конкурент на Volkswagen Tiguan и Ford Kuga, францускиот модел повеќе се ориентира кон возачите што преферираат автомобили со поспортска нота, за што меѓу другото сведочи и висината од само 1,6 метар. Со тоа Kadjar се разграничува и од техничкиот донатор Nissan Qashqai. На овој начин ќе се воспостави и рамноправност во француско-јапонската соработка, особено покрај фактот што одличниот успех на Qashqai досега не му оставаше простор на партнерот Renault да се пробие во овој сегмент од пазарот.

Со растојанието од подлогата од 19 сантиметри, францускиот модел е подготвен и за излети надвор од асфалот. Бидејќи Kadjar е прв спортски теренец на Renault што ја користи архитектурата на заеднички модули (CMF) – покрај кросоверот Espace, главнината од погонската техника потекнува од Nissan Qashqai. Тоа значи дека и Renault ќе биде достапен со погон напред или на сите тркала. Кај вторава изведба, возачот може преку вртлив прекинувач да избира дали силата ќе се пренесува само на предните или на сите тркала, или пак ќе препушти автоматиката да решава сама за приклучувањето на задната оска.

Кој модел отсега ќе го избираат купувачите, Kadjar или Qashqai?

Сите мотори потекнуваат од концернот Renault и стандардно доаѓаат со систем старт-стоп. Опционално стојат на располагање диодни светла, исто како кај новата генерација на Espace. Багажникот нуди простор од 472 литри, што е пристојна вредност во класата, на што ќе се надоврзат и неколку свежи решенија од Renault како специјалист за практични детали. Кокпитот е изведен во типичниот амбиент на француската марка, со дисплеј од седум инчи и капацитивна површина, којашто реагира уште при приближувањето на прстите. Мултимедискиот систем се раководи според ракувањето и изгледот на таблетите и со симнување на апликации преку R-Link-Store може да се приспособи според желбите. Kadjar има солиден материјал за успех, но останува неизвесноста дали купувачите отсега ќе се преориентираат на француската марка, или сепак ќе му останат верни на специјалистот за теренци Nissan и на бестселерот Qashqai.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Државните субвенции ја одржуваат продажбата во Шпанија на рекордно ниво

Вака изгледа ентериерот на новиот Skoda Superb