за

McLaren 650S Le Mans за 20-годишнината од победата во Леман

Во чест на триумфот на McLaren F1 GTR на маратонската трка во Леман во 1995 година, британската марка изработи лимитирана серија на моделот 650S Le Mans.

Пред 20 години, McLaren F1 постигна спектакуларен триумф на 24-часовната трка на Леман. Пет возила ја минаа целната линија, на првото, третото, четвртото, петтото и тринаесетото место. Во таа чест, McLaren тогаш изработи пет специјални серии на McLaren F1 LM, односно по една серија за секој победнички автомобил на легендарната трка. Сега дојде време Британците повторно да се повикаат на триумфот и да ја одбележат 20-годишнината со специјалната серија 650S Le Mans. Само 50 примероци ќе се изработат од овој модел, со детали што асоцираат на победничкиот F1 GTR со стартен број 59.

Во креирањето на 650S Le Mans, одделението за специјални проекти на McLaren соработуваше со Питер Стивенс, дизајнерот на тркачката икона F1 GTR. Највпечатлив детал што асоцира на победничкиот болид од 1995 година е вшмукувачкиот канал за воздух по средината на покривот. Низ овој канал се снабдува со воздух 3,8-литарскиот мотор V8, посредувајќи и посебно звучно доживување во кабината. Аеродинамиката исто така користи трикови од F1 GTR, како мини-спојлерите во предните крила, за дополнителен потисок.

Уникатни се и бандажите „Le Mans Edition“, со пречник од 19 инчи напред и 20 инчи назад, во стил на тркачите од 1995 година. Карбокерамичките сопирачки се стандард, со портокалови клешти – препознатливата боја на McLaren – додека на бандажите се наоѓаат специјални гуми Pirelli P Zero Corsa. Моќноста и перформансите остануваат непроменети, со 650 КС и 678 Nm, забрзување до сто за три секунди и крајна брзина од 333 km/h.

Специјалниот модел е препознатлив по видливата карбонска структура на предниот сплитер и задниот браник, како и по модифицираните прагови и заден дифузор. Во чест на победникот од 1995, каросеријата е лакирана во „сарте сива“ боја. На тоа се надоврзуваат неколку налепници со лого LeMans. Логото е втиснато и на потпирачите за глава на седиштата и во уникатните патосници.

Цената на McLaren 650S Le Mans изнесува 244.500 британски фунти, а испоралата ќе стартува во средината на годината. Сопствениците на болид од серијата „Le Mans“ ќе добијат покана за присуство на одбележувањето на 20-годишнината од победата во Леман.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Музејот на Audi доби електричен транспортер од 1956 година

Audi го потврди развојот на големиот теренец Q8