за ,

Детроит 2015: Nissan Titan со петлитарски дизел со 310 КС

Кога пишува Titan мора да биде титан. Огромниот пикап на Nissan стартува со продажба во САД со петлитарски мотор V8 со моќност од преку 300 КС.

Nissan Titan веќе подолго време е присутен на пазарот во САД, но досега не успеа да се одомаќи. Од марките од Далечниот Исток, единствено Toyota успеа да се спротивстави на големата тројка пикапи од Ford, General Motors и Chrysler, со својот пикап Tundra. Затоа, Nissan сега се обидува конечно да го добие своето парче од големиот колач со дизелскиот мотор во новиот Titan.
Големите пикапи со џиновски дизел мотори веќе имаат создадено група на обожуватели на американскиот пазар. Nissan смета дека за оваа клиентела сега има понуда што не може да се одбие, барем така изјави шефот на Renault-Nissan, Карлос Гон, при денешното претставување на пикапот на салонот во Детроит.

Претходната генерација на Nissan Titan беше присутна на пазарот веќе десет години и дојде крајно време за замена. Nissan ги освежи изгледот и техниката на пикапот, којшто сега повеќе изгледа како американски, отколку како јапонски камионет. Titan е развиен и се произведува во Америка.

Покрај стандардниот V8 и малку поштедливиот бензински V6 коишто се достапни за Titan, новиот дизелски мотор е единствената сензација во пикапот, за којашто веќе подолго време се шпекулираше дека ќе биде воведена во понудата. Станува збор за петлитарски V8 од Cummins, со моќност од 310 КС и импресивна вредност на вртежниот момент од 752 њутнметри.

Иако Nissan Titan официјално се нуди само на северноамериканскиот пазар, не ќе биде лошо ако некој примерок се најде и на нашиот пазар. И ние ги сакаме дизелите, а и актуелните цени на горивата дозволуваат ваков „луксуз“.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Galaxy A7: Специјалист за социјални мрежи и селфи

Mercedes ги повикува во сервис сите модели со 2,2-литарски дизел