Volkswagen претстави студија на теренец со новиот дизајн што е стокмен според вкусот на Американците. Cross Coupe GTE има хибриден погон со два електромотора и системски 360 КС.
Во почетокот на новата година, автомобилската бранша по традиција се собира на салонот во Детроит. Настапот на Volkswagen во оваа година е целосно под знакот на впечатливиот Cross Coupe GTE. Со светската премиера на студијата на спортски теренец, марката од Волфсбург продолжува со најавата за новата серија на спортски теренци, којашто за првпат има хибриден погон со бензински V6 и два електромотора.
Студијата Cross Coupe GTE ја прикажува моќта преку прецизните рабови во долгата хауба и високиот преден дел, исто како и преку силуетата со предни столбови повлечени далеку наназад и закосен заден столб. На ваквиот изглед се надоврзуваат и бандажите од 22 инчи, со десет краци полирани до висок сјај. Новиот дизајнерски говор е присутен и во ентериерот на Cross Coupe GTE. Арматурната табла има хоризонтална ориентација, со големи дисплеи и детали извдени во хром. Исто како кај Golf R Touch, ракувањето е преку читање на гестикулацијата со прстите, место со класични прекинувачи.
Погонот го сочинуваат бензински V6 од 3,6 литри и два електромотора. Шестцилиндарецот со директно впрскување постигнува моќност од 280 КС и вртежен момент од 350 њутнметри, додека двата електромотора располагаат со моќност од 40 и 85 киловати, односно со вртежен момент од 220 и 270 њутметри. На крајот произлегува системска моќност од 360 КС. При искористување на целиот потенцијал, Cross Coupe GTE забрзува со 60 милји на час (97 km/h) за 6,0 секунди, а крајната брзина е лимитирана на 209 километри на час. Во литиум-јонските батерии што се сместени во средишниот тунел има енергија за совладување растојание до 32 километри.
Преку копчето GTE се активира спортската програма, при што бензинецот и електромоторите работат заднички, а соодветно се менува и работата на менувачот, управувањето и педалот за гас.
Cross Coupe GTE е последна најава за новата моделска серија на спортски теренци на Volkswagen базирана на модуларната платформа, по студијата Cross Blue, којашто беше прикажана лани на салонот во Детроит. Сериската верзија на Cross Blue ќе се произведува во фабриката на Volkswagen во Чатануга и ќе биде прикажана в година.