за

Студијата Prologue ја најавува дизајнерската револуција во Audi

Новиот Q2 ќе користи стилски детали од студијата Prologue, со која Audi го најави новиот дизајнерски правец

Новиот дизајнер Марк Лихте најавува дизајнерска револуција и ја критикува долготрајната монотонија во изгледот на моделите со четирите прстени. Студијата Prologue покажува какви планови има Audi.

Изгледот на моделите на Audi долго време се критикуваше дека е монотон и дека ја има изгубено препознатливоста. Но, сега доаѓаат критики и од сопствените редови и тоа од човекот што има најголем кредибилитет да зборува околу дизајнот. Новиот главен дизајнер на Audi, 45-годишниот Марк Лихте, тврди дека е „време за револуција“. Концептното возило што е претставено на салонот во Лос Анџелес прикажува како ќе изгледа оваа револуција. Аналогно на тоа и студијата го носи името Prologue, односно вовед.

Моќната каросерија на возилото со должина од 5,1 метри и ширина од близу два метри ги нагласува сите четири тркала, симболизирајќи го погонот Quattro, којшто е неразделен од имиџот на Audi. Дизајнерските црти од студијата ќе се користат како водилка за дизајнот на идниот A9, но и за сите останати модели од производителот од баварскиот Инголштат.

Моделите на Audi во иднина ќе се препознаваат по продорниот поглед во предните светла, по динамичната странична линија и по активните аеродинамични елементи во предниот и задниот дел од возилото. Лихте тврди дека овие детали со сигурност ќе се појават во идните сериски модели на Audi. Новиот дизајнер беше повикан во Audi од шефот за развој Улрих Хакенберг. Претходно, Лихте работеше на изгледот на Volkswagen и негово дело се новите генерации на Golf и Passat.

Препознатливата маска што пред десет години ја воведе Валтер да Силва и со која што моделите на Audi за првпат добија препознатливост во споредба со BMW и Mercedes ќе остане како дизајнерско обележје и во идните модели. Да Силва денес е „дизајнерски папа“ на целиот концерн Volkswagen, па затоа и неговата маска останува непроменета, со таа разлика што Лихте ја развлече истата кај студијата Prologue.

Тежиштето кај Prologue е во формата на каросеријата, но се најавуваат промени и во внатрешноста. Арматурната табла во иднина ќе изгледа како да е огромен дисплеј што реагира на допир и освен на возачот за првпат ќе му служи и на совозачот. Покрај тоа ќе има и посебна фолија со техника OLED во средишниот тунел. Додека револуцијата на Лихте стане реалност ќе биде потребно да минат најмалку уште две години. Толку време е потребно за идејата да се реализира во сериските автомобили.

Според тоа, кај претстојните премиери на новата генерација на A4, на луксузниот теренец Q7 и на спортското купе R8, не треба да се очекуваат особени изненадувања.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Privacyguard.org: Кои апликации ја повредуваат приватната сфера?

Автомобилот на Toyota со погон на водород пристига во септември 2015