за

Suzuki Vitara повторно ја предизвикува конкуренцијата

Место и натаму да се фаќа во костец со Toyota RAV4, новата Vitara се префрлува во класата на Opel Mokka, кадешто има многу поголем пазарен пораст

Јапонскиот специјалист за мини и 4х4 уште во 1988 година ја понуди Vitara, како лесен и достапен теренец. Тогаш почна трендот што уште не запира. Suzuki сепак сака да докаже дека може најдобро.

По повеќе од четвртина век од првата генерација, Suzuki Vitara се појавува во светло во коешто не може да се препознае, свежа, напредна, предизвикувачка … или можеби забораваме какво беше изненадувањето кога Јапонците премиерно го прикажаа моделот со ова име. Новата Vitara изгледа впечатливо, не само во споредба со претходникот којшто опстана неверојатно долго и речиси се претвори во класичар. Рамната хауба со надолжни гребени и трапезната форма на долната маска му даваат самоувереност во настапот на овој Suzuki. Посебен детаљ се сините проектори во диодните светла, за препознатливост на возилото ноќе.

Внатрешноста комбинира класична линија со модерни елементи. Во средишната конзола доминира голем дисплеј за ракување со радиото, навигацијата и основните функции на возилото, беа какво било копче околу себе, додека во дното на конзолата е полето со прекинувачи за климатизацијата, исто така прегледно и едноставно. Стартувањето е на копче, новитет е прекинувачот за AllGrip меѓу предните седишта. За стилско облагородување на работната средина за возачот служи надолжна лајсна по командната табла во повеќе варијанти на завршна изработка.

suzuki vitara 357691238476514Следното што го нуди новата Vitara е висок степен на индивидуализација, односно можност за избор на различна боја за покривот, како и широк дијапазон на дизајнерски елементи за ентериерот и за каросеријата. На располагање се вкупно 15 бои за каросеријата, вклучувајќи три бои што не се нудеа кај претходникот (тиркизна металик, портокалова и слонова коска), како и повеќе двобојни комбинации за каросеријата. Раководејќи се според сопствениот вкус, идните сопственици ќе можат да изберат маска и заштита на арките на крилата во бела или црна боја, украси на таблата со инструменти и на прстените околу отворите за воздух во тиркизна, портокалова, бела или црна боја, како и карбонска или „канџи“ изведба на аналогниот часовник во средината на таблата.
За нагласување на патните или теренските способности стојат на располагање два дополнителни пакета: „Урбан“ со хромирана рамка околу магленките, странични заштитни лајсни и кровен спојлер, како и „Робусен“ со заштита за подвозјето напред и назад, рамки околу магленките, странични заштитни лајсни и заштита на товарниот раб на багажникот.

Под хаубата работи бензински или дизел мотор, обата со работна зафатнина од 1,6 литар и моќност од 120 КС. Познатиот бензинец од генерацијата М16А, со варијабилна работа на вентилите, има смалено триење во некои подрачја и намалена тежина на одредени компоненти од моторот, заради намалување на потрошувачката на гориво, додека кај дизелот DDiS се нови системот за рециркулација на издувните гасови и електронското регулирање на геометријата на турбината. Вртежниот момент кај бензинецот изнесува 156 Nm при 4.400 вртежи, кај дизелот 320 Nm при 1.750 вртежи. Дизелот вози со шестстепен мануелен менувач, бензинецот со петстепен мануелен, со опција за шестстепен автоматски менувач.

Со олеснета каросерија (најлесната верзија има само 1.075 kg), преку примена на челик со висока цврстина и оптимиран погон, Vitara во верзијата со бензински мотор и погон напред троши во просек 5,3 литри гориво, односно половина литар повеќе во верзија со погон на сите тркала. Дизелот при конфигурација со преден погон троши точно 4,0 литри, односно 4,2 литри во комбинација со погон на сите тркала AllGrip.

suzuki vitara 35769123847652Системот AllGrip доживеа премиера во SX4 S-Cross, а во Vitara тој дополително ја поседува функцијата „feed-forward“. Новата функција дозволува погонот да го предвиди пролизгувањето на предните тркала врз основа на видот на подлогата, позицијата на педалот за гас и завртувањето на воланот и при најмало пролизгување реагира за миг со пренесување на поголем вртежен момент кон задната оска. Во останатото, AllGrip функционира исто како кај помалиот кросовер, со четири програми за возење (автоматска, спортска, за снег, блокада за терен). Подвозјето користи мекферсон водење на предните тркала со триаголни водилки и торзиска задна оска во форма на U, позната од S-Cross.

Значително е подобрено нивото на активна безбедност, со понуда на радарски систем што препознава опасност од судир и самостојно ги активира сопирачките да го спречи истиот. Радар помага и за темпоматот да го одржува постојано растојанието од другите возила, со три степени на чувствителност.

Продажбата на новата генерација на Vitara, којашто се произведува во фабриката на Suzuki во Ештергом, Унгарија, ќе стартува во февруари. Според првичните најави на регионалните дилери, веќе се нарачани близу 1.000 примероци за покривање на интересот за новата Vitara на македонскиот и на соседните пазари. Со цената се очекува Vitara да се движи на нивото на кросоверот S-Cross при споредливо ниво на опрема, што ги објаснува масовните преднарачки за новиот модел.

Првични технички податоци
Suzuki Vitara
(во заграда вредностите за SX4 S-Cross)

Должина: 4.175 mm (4.300)
Ширина: 1.775 mm (1.765)
Висина: 1.610 mm (1.575)
Меѓуоскино растојание: 2.500 mm (2.600)
Круг на вртење: 10,4 метри (10,4)
Растојание од подлога: 185 mm (170)
Багажник: 375 / 1120 литри (430 / 1.269)
Гуми 215/60R16, 215/55R17
Резервоар: 47 литри (47)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Renault Espace: Новата француска револуција

TT Sportback: Audi мора да го пушти овој автомобил во серија!